Телефонија и интернет

Западен Балкан без роаминг; следен чекор намалување на роаминг со ЕУ

Од 1 јули оваа година, трошоците за користење на роаминг услугите во регионот ќе чинат како да сме во Македонија. Ова е резултат на договорот помеѓу земјите од Западен Балкан и ќе важи за телефонските разговори, СМС пораките и користењето Интернет.

Извор: google

Од 1 јули оваа година, трошоците за користење на роаминг услугите во регионот ќе чинат како да сме во Македонија. Ова е резултат на договорот помеѓу земјите од Западен Балкан и ќе важи за телефонските разговори, СМС пораките и користењето Интернет. Првичниот договор беше потпишан на 4 април 2019 година помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, а имплементацијата продолжува и понатаму.

Со новиот чекор од договорот, од 1 јули 2021 година, корисниците на роаминг услугите од Македонија нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји (Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, БиХ), потписнички на оваа спогодба.

На состанокот на Работната група за роаминг на Западен Балкан, генералната секретарка на Советот за регионална соработка изјави дека режимот на домашен роаминг на Западен Балкан од 1 јули 2021 година значи чекор поблиску до намалување на цените на роамингот со Европската унија.
– “Потпишувањето на Договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан во април 2019 година беше историско достигнување и еден од главните резултати на Дигиталната агенда за регионот што ја стави на тест нашата посветеност и доверба во регионалниот дијалог, истовремено носејќи им конкретни придобивки на граѓаните. Убедена сум дека регионот повторно ќе има резултати и дека кога ќе заврши пандемијата, нашите граѓани ќе уживаат во сите придобивки од регионот без роаминг”. – додаде таа.

Извор: google

Следниот чекор би бил намалување на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и Европската унија, што ќе бара целосна посветеност на сите вклучени страни како мобилните оператори и надлежните европски комисии и секретаријати. Во првите месеци од спроведувањето на регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, имаше зголемување на преносот на податоци за роаминг низ целиот регион, но и значајно намалување на трошоците за роаминг, помеѓу 83 и 96 проценти, што влијаеше на тоа да дојде до укинување на роаминг на Западен Балкан. Западен Балкан без роаминг и намалување на цените на роамингот со Европската унија се дел од програмата за зеднички регионален пазар, на која лидерите на Западен Балкан се обврзаа на самитот во Софија во ноември 2020 година.