Извор: google
Американските дипломати во австриската престолнина сега се жалат на главоболки, слабост и губење на слухот. Во последниве месеци, американски дипломати во Виена се жалат на проблеми слични на необјаснивите симптоми кои први беа пријавени во американската амбасада во Куба и затоа тие се нарекуваат Хавански синдром.
Од пристигнувањето на новата администрација во Вашингтон, повеќе од 20 американски службеници и официјални лица во австриската престолнина побараа медицинска помош поради мистериозно заболување кое ги погодува американски официјални лица и службеници во странство. Владата на Џозеф Бајден ја потврди веста и објави дека ги истражува сите случаи, пренесува Би-Би-Си.
Во 2016 година, вработените во Стејт департментот на карипскиот остров почнаа да доживуваат главоболки, гадење, тинитус, губење на рамнотежа, оштетен слух и „когнитивна магла“. Истиот случај беше со канадските дипломати во Хавана, иако во помал број. Научниците не можат да објаснат зошто тоа се случува, но развиени се бројни теории: напад на радиобранови, акција со микробранова печка, енергија на радиофреквенција, причини од психолошка природа…
Американската национална академија на науките во декември минатата година објави дека жртвите се нашле на мета на „директни енергетски бранови“ и „микробранова радијација“. Генерално, се покажа дека пациентите претрпеле некаква форма на повреда на мозокот.
Соединетите држави имаат голем број дипломати во Виена, како во нејзината амбасада, така и во меѓународни организации и во преговорите што се водат во главниот град на Австрија со Техеран поради обновување на договорот за иранската нуклеарна програма. По Хавана, најголем број на случаи се пријавени во Виена, иако има и други на други места во светот.
Њујорк Тајмс во мај напиша дека мистериозната болест е забележана кај повеќе од 130 американски дипломати, шпиони и други официјални лица и службеници низ целата планета и во самиот Вашингтон. По Американците во Куба, со истите симптоми се појавија и нивните сонародници во Кина, Австралија, Велика Британија, Русија, Полска, Грузија и Тајван.
Владата на САД не обвини ниту една земја дека стои зад нападот, но Вашингтон неофицијално ги впери прстите кон Куба и Русија. Како земја каде што беа забележани првите случаи, Куба веднаш беше „сомнителна“, но се постави прашањето каде земјата под американското ембарго ќе развие толку софистицирана и неразбирлива техника. Виновникот потоа се бараше во Русија, која има многу лоши односи со Америка и со децении е сојузник на комунистичките власти во Хавана.
Наводно, Москва сакала да го расипе напредокот на американско-кубанските односи, кои започнаа да се развиваат во 2015 година, кога двете земји ги обновија дипломатските односи. Во тоа време, Барак Обама беше шеф на Белата куќа. За време на претседателот Доналд Трамп односите повторно се влошија, па американската амбасада во Хавана и кубанската амбасада во Вашингтон денес се речиси празни. И Русија и Куба негираа дека имаат никаква врска со нападите врз американските дипломати.