Иновативна технологија

Starlink интернетот со глобална покриеност - ќе стаса ли и во Македонија?

Благодарение на Starlink, познатиот инженер и магнат Илон Маск (Тесла, Спејс екс) е сè поблизу до целта што ја постави пред неколку години – Интернетот од вселената да биде достапен за луѓето во руралните области каде било на Земјата.

Извор: google

Благодарение на Starlink, познатиот инженер и магнат Илон Маск (Тесла, Спејс екс) е сè поблизу до целта што ја постави пред неколку години – Интернетот од вселената да биде достапен за луѓето во руралните области каде било на Земјата. Тој на својот профил на Твитер откри дека до крајот на оваа година, поголемиот дел од нашата планета ќе биде покриен со Интернет „Старлинк“ и дека во 2022 година нема да има места каде што не стигнува неговиот сигнал.

Крајната цел на Маск е над Земјата да има околу 42.000 сателити и тие да формираат широкопојасен интернет со голема брзина, испраќајќи го на оддалечените локации каде е тешко да се постигне покриеност на сегашните начини. Како што се наведува на интернет страницата на Старлинк, „речиси целосна“ глобална покриеност се очекува до крајот на следната година.
Патем, овој интернет се состои од сателити лансирани во ниска орбита, а бројот на сателити кои обезбедуваат услуга на „вселенски интернет“ до корисници каде што нема инфраструктура за друг вид интернет, само ќе се зголеми.

Еден дел од населението во САД веќе може да користи Интернет Starlink, чија брзина е помеѓу 50 Mbps и 150 Mbps, а латентноста е малку поголема во споредба со класичниот Интернет – помеѓу 20 ms и 40 ms. Маск вети дека до крајот на оваа година, латентноста ќе биде најмногу 20 ms, и дека, по некое време, брзината на интернетот ќе се искачи до 300 Mbps. Сепак, квалитетот на услугата ќе зависи и од локацијата на корисникот. Ако се прашувате колку чини ова задоволство, ве информираме дека во старт во САД плаќаат 499 долари за инсталирање на терминалот и специјален рутер за оваа бета верзија, а потоа месечната претплата е 99 американски долари.