И асимилација и дискриминација

Шоу бизнисот трпи поради спротиставени политики на Истокот и Западот

Треба ли шоу бизнисот да трпи поради политики и бирократски правила на игра? Најсвеж случај за дискриминација е неможноста на една поп ѕвезда да учествува на престижни музички награди само затоа што не поседува државјанство на земјата во која се одржуваат овие доделувања.

Извор: google

Треба ли шоу бизнисот да трпи поради политики и бирократски правила на игра? Најсвеж случај за дискриминација е неможноста на една поп ѕвезда да учествува на престижни музички награди само затоа што не поседува државјанство на земјата во која се одржуваат овие доделувања. По многу перипетии, успеала да се избори за саканото и да ги промени организациските правила.

Поп ѕвездата Рина Савајама не успеа да се натпреварува за Британските музички награди минатата година, под изговор дека „не е доволно Британка”, односно дека не била британски државјанин. Пејачката, која живее во Велика Британија 26 години, конечно успеа да се стекне со право за настап на британските манифестации откако се сретна повеќе пати со менаџментот на „Бритс“. Според новите правила, уметниците кои престојуваат во Велика Британија повеќе од пет години може да се квалификуваат за главните награди.
Савајама има документи за престој на неопределено време во Велика Британија, но има јапонски пасош за да ги одржува врските со своето семејство, вклучувајќи го и татко ѝ, кој живее во нејзината родна земја. Бидејќи Јапонија не дозволува двојно државјанство, таа не може да има британски пасош. Тоа доведе до тоа нејзиниот деби-албум „Савајама“, кој доби одлични рецензии, да не може да се квалификува за минатогодишната награда „Меркјури“.

„Тоа беше само срцепарателно. Мислам дека многу имигранти се чувствуваат на овој начин како јас – каде што се асимилираат и тие стануваат дел од британската култура … и да ни се каже дека не сме дури и подобни за номинирање е многу дискриминирачки“ – истакна пејачката и изрази загриженост за ситуацијата. „Сè на што се сеќавам е дека цел живот живеам тука. Отидов на летна школа во Јапонија и тоа е буквално тоа. Но, се чувствувам како да сум придонела за Велика Британија на начин што мислам дека е достоен да се слави и почитува“.

Хаштагот #SawayamaIsBritish беше во тренд во Велика Британија кратко време по објавувањето на нејзиното интервју.
Уметниците сега ќе треба да исполнат еден од трите критериуми за да бидат подобни: да се родени во Велика Британија, да имаат британски пасош (тука спаѓаат оние што поседуваат повеќе од еден пасош) или да имаат постојан престој во Велика Британија повеќе од пет години. Промената значи дека Савајама ќе ги исполнува условите за наградата „ѕвезда во подем“ оваа година, со која се признаваат тамошните таленти. Со нејзината борба, таа покажа дека музиката не смее да има граници, а и отвори пат за следните слични случаи да ја надминат оваа дискриминаторска пречка на одредени организации во светот.