Уметност, маркетинг и хуманост

Познатиот моден бренд „Манго“ во хуманитарна акција за Денот на жената

Шпанскиот ланец за облека и модни додатоци „Манго“ по повод 8ми Март – денот на жената, реши да соработува со мексиканската сликарка Ана Леови за да создаде колекција на одржливи и препознатливи парчиња облека за меѓународниот ден на жената.

Извор: google

Шпанскиот ланец за облека и модни додатоци „Манго“ по повод 8ми Март – денот на жената, реши да соработува со мексиканската сликарка Ана Леови за да создаде колекција на одржливи и препознатливи парчиња облека за меѓународниот ден на жената. Колекцијата се состои од две маици и торба, чии дезени се надополнети со интересни илустрации од вештата рака на уметничката.

„Ана Леови е млада мексиканска сликарка која главно работи со гваш и акрилни бои. Нејзината работа е насочена кон славење на различноста преку создавање уметнички дела со различни форми и бои инспирирани од модата, културата, соништата и секојдневниот живот. Токму затоа се случи оваа соработка преку која сакавме баш за овој ден да ги изненадиме купувачките со нешто сосема поинакво“ – изјавија од познатата шпанска компанија.

Леови, пак, објасни како жените ја инспирираат нејзината уметност. „И во мојата работа и во мојот живот, оваа комбинација на сила и чувствителност што ја поседуваат жените е нешто што постојано ме инспирира. Можноста да го прославам денешниот меѓународен празник на жената со мојата работа е нешто многу посебно. „Манго“ е бренд на кој му се восхитував веќе некое време и чест е да бидам во можност да соработувам со нив за да им оддадам почит и да ја поддржам борбата за родова еднаквост“.

Извор: google

Целиот профит од колекцијата ќе биде дониран на Фондацијата „Висенте Ферер” (VFF), која ги промовира женските права и ја јакне свеста за родовата еднаквост, независноста на жената во општеството и нејзино вклчување во сферите на образованието и финансиите во Индија. Овој познат моден бренд соработува со VFF од 2005 година.

Сепак, овде се работи за идеја на главната компанија, лоцирана во Барселона, но дали и застапниците на овој прочуен бренд смислиле слична акција за нивните региони? Конкретно, дали и „Fashion Group“ ги изненади жените и девојките во Македонија со слична иницијатива, која пред сè би имала хуманитарен карактер?

Или и за нив, како и за сите останати, и овој ден помина во секојдневната трка за профит без оригинална празнична идеја за добротворна акција?