ЗАГУБИ ОД МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

„LG“ телефоните заминуваат во историјата - компанијата се повлекува од бизнисот

Доаѓа крај на ерата за телефонскиот гигант LG, кој долго време конкурира на брендови како Apple, Samsung и кинеските производители на телефони.

Извор: google

Доаѓа крај на ерата за телефонскиот гигант LG, кој долго време конкурира на брендови како Apple, Samsung и кинеските производители на телефони. Јужнокорејската компанија соопшти дека ќе ја затвори својата деловна единица за мобилни телефони до крајот на јули. Наместо паметни телефони, компанијата ќе се фокусира на смарт производи за домот – област каде што е една од најголемите даватели на услуги, но ќе продолжи и со производство и на компоненти на електрични возила, роботика, вештачка интелигенција и сл.

Одлуката за повлекување ќе остави зад себе околу 10 проценти од пазарот во Северна Америка, каде што е трет најсилен производител и каде Samsung Electronics и Apple Inc. од сега ќе се борат за тој дел од пазарот. Во САД, LG го насочи пазарот на уреди со средна до ниска цена и тоа значи дека Samsung, кој има поумерени цени од Apple, ќе биде во подобра позиција да ги привлече корисниците на LG.

Oдделот на смартфони на LG бележи загуби од скоро шест години во вкупна вредност од 4,5 милијарди долари. Напуштањето на ваков конкурентен пазар ќе му овозможи на LG да се фокусира на области како што се делови за електрични автомобили, електроника за домаќинствата и сродни уреди. Во едни подобри времиња, LG имаше голем број новини во областа на мобилната телефонија и на својот врв во 2013 година беше трет по големина производител на паметни телефони по Samsung и Apple.

Според аналитичарите, компанијата беше потисната од недоволно знаење и неподготвеност да се спротистави на новите кинески конкуренти. Тековниот глобален удел на LG е само два проценти. Лани лансираше 23 милиони паметни телефони на пазарот, додека Samsung пласираше 256 милиони.

Сепак, LG ќе обезбеди поддршка и нови верзии на програмата за постојните корисници уште некое време.