Намалена мобилност

Колку јавниот транспорт и мерките кои се воведуваат за време на пандемијата влијаат на глобалното загадување?

Загадувањето на воздухот опадна во раните денови на пандемијата бидејќи мерките за карантини спроведени низ цела Европа ги испразнија улиците од сообраќај, а наместо секојдневно патување до работното место, луѓето беа приморани да работат од дома.

Извор: pexels

Загадувањето на воздухот опадна во раните денови на пандемијата бидејќи мерките за карантини спроведени низ цела Европа ги испразнија улиците од сообраќај, а наместо секојдневно патување до работното место, луѓето беа приморани да работат од дома. Сепак, подобрувањата во квалитетот на воздухот и емисиите на јаглерод диоксид „веројатно се привремени“ и земјите не смеат слепо да се потпрат на податоците за евентуални подобрувања во чистотата на воздухот.

Она што е вредно за споменување се забележливите знаци на менување на навиките на луѓето во однос на транспорт, што може да резултира и со понатамошна релативно радикална и длабока промена во начинот на организирање на движењето на луѓето. Холандскиот комесар на ЕУ изрази надеж дека 2021 година, која ЕУ ја нарече „Европска година на железницата“, ќе донесе пресврт во патувањето со воз, што нуди опција за авионските летови.
Транспортот е одговорен за околу 30% од вкупните емисии на загадувачки гасови во ЕУ, што го става во фокус на мерките за заштита на животната средина. Емисиите во оваа сфера паднаа во 2020 година бидејќи карантините што беа имплементирани за да го сузбијат вирусот ги натераа луѓето да работат од дома, додека патувањето со авион дојде до виртуелен застој. И таквата состојба, сè уште трае. Подобрувања има, но неизвесни се идните дејствувања на луѓето, а со тоа и на владите околу еко загадувањето.

“Тотално е неприфатливо да имаме кратки летови. Помеѓу Амстердам и Брисел, во нормално време, има четири или пет лета на ден, што треба да се сметаат за бесмислени. Авионското патување беше нагласено како особено загадувачки режим на патување. Во април минатата година, нивото на патниците за летање се намали за 90% во споредба со истиот месец во 2019 година. Авиокомпаниите ширум континентот сега бараат финансиска помош од 32,9 милијарди евра за да го покријат падот на кризата.“ – се вели во извештајот на Европската комисија.

Извор: pexels

Сегашната состојба на работите рефлектира јасна нерамнотежа затоа што е непредвидливо како ќе се однесува пандемијата, а со тоа и односот на луѓето кон секојдневните навики.
Потребата да се избегнат преполни простори, автобуси, трамваи и метроа ги натера сите да се одлучат за алтернативни начини на транспорт како што се возење велосипед, пешачење и патување со приватни возила, известува Европскиот атлас за мобилност преку Извештајот за анализа на клучните факти и бројки околу транспортот во Европа.
Пандемијата ја смени нашата перспектива во однос на инфраструктурата што ни е потребна и ја користиме за меѓусебна поврзаност и мобилност низ цела Европа денес. И покрај тоа што продажбата на велосипеди вртоглаво се зголеми за време на пандемијата, најпопуларното превозно средство за подолги патувања сепак останува личното возило, па така не се намали ниту продажбата на автомобили. Европските патници го заменија јавниот превоз за приватни автомобили за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19, тренд што може да наштети на напорите за драстично намалување на штетните емисии на гасови во воздухот. Истото се однесува и за нашата земја, каде поради рестриктивни мерки и страв во однос на јавниот превоз, многу луѓе веќе ги користат само автомобилите. Многумина се и дома, добар дел и пешачат, така да рано е да се направи точна проценка на сегашната и прогноза на идната состојба.

И нашата држава, по теркот на европските, треба да е будна и да работи на стратегиите за заштита на природата и природните ресурси од загадување и намалување на климатските промени со неизвесните однесувања на вирусот и луѓето. Во секој случај, преку постојано вложување во зелена економија и креирање на зелени работни места ќе се зголеми и забрза развојот на нашето стопанство.