Извор: google
Во денешните јавни електронски гласила оддекна соопштението дека „Мијалков 12+8“ со добра економија успеал да заштеди милиони евра за да може да ги понуди како гаранција дека нема да избега. И на тој начин уште еднаш на целата македонска јавност да докаже дека живееме во недемократска држава, која фукционира без правно и силно судство, кое преку вакви нелогичности докажано ги руши сите ветувања на премиерот Зоран Заев кој е скоро 4 години на власт.
Конфузијата од раните утрински часови ја создадоа многуте електронски сајтови со најновата вест дека Мијалков понуди гаранција. На страна тоа дека слободата може да се купува со милиони, но изненадувачка беше информацијата за износот односно милионите кои беа предмет на информирање на јавноста, износот на гаранцијата кај некои електронски медиуми се движеше од 7 милиони, па се до 11 милиони евра, ко небаре за 50 или 60 килограми компири збориме?
Кои се овие новинари, како доаѓаат до нивните информации, колку се релевантни бројките во нивните текстови, кои се овие јавни гласила кои без проблем објавуваат милионски разлики во гаранцијата, можно ли е дека вака паушално се однесуваат кон информирањето на јавноста. На кого треба да веруваме, кој медиум го објави вистинскиот износ? Како е можно ниеден новинар, ниеден електронски медиум, ниту телевизија да не го постави ова прашање. Но затоа сите наслови беа фокусирани на сензационалноста за износот кој е со 4 милионска разлика.
И покрај разликата во милионските износи, никој во правосудните органи не го постави прашањето:
Како државниот службеник Сашо Мијалков успеа да обезбеди капитал во милионски износ? Со штедење? Како е возможно никој да не го постави прашањето за потеклото на парите што е сосема легитимно во правните држави. Како на пример Хрватска и нивниот Санадер.
Во биографијата на Сашо Мијалков никаде не стои дека е бизнисмен или деловен човек со богата кариера како претприемач, кај Сашо Мијалков во неговата биографија стои само фактот дека бил државен службеник односно директор на УБК. Да ја немаше таа позиција како претходно работно искуство новинарите би имале проблем како да го наречат во објавите.
Дали е ова порака до сите сегашни и идни функционери дека: Кога крадеш, кради многу за да можеш да платиш гаранција, т.е. да ја купиш слободата и подоцна да ти останат доволно милиони за луксузен живот?
Очигледно е дека и американската Форбс листа при рангирањето на македонските милионери ја згрешиле анализата, али тоа е тоа.
Можеме само да заклучиме дека со вака „прецизно“ новинарство и медиуми можеме само со холивудско нетрпение да ја исчекуваме сумата која во блиска иднина ќе биде понудена од бизнисменот Орце Камчев.