СИНДИКАЛНА КОШНИЧКА

За еден ученик, едно семејство најмалку треба да троши 8000 денари

Потрошувачката кошничка за август изнесува 34.342 денари и е за 214 денари поголема отколку во јули, пресмета Сојузот на синдикати. Затоа, ако семејството има еден ученик, потребни се најмалку 8.000 денари, а вкупните трошоци достигнуваат и до 42.343 денари.

Извор: google

Потрошувачката кошничка за август изнесува 34.342 денари и е за 214 денари поголема отколку во јули, пресмета Сојузот на синдикати. Затоа, ако семејството има еден ученик, потребни се најмалку 8.000 денари, а вкупните трошоци достигнуваат и до 42.343 денари.

Официјалните податоци велат дека веќе на стартот на новата учебна година која штотуку започна, родителите треба да одвојат најмалку по 8.000 денари за дете кое посетува настава во основно или во средно училиште.

ССМ секој месец ја пресметува таканаречената синдикална кошничка, во која влегуваат неопходните трошоци за едно четиричлено семејство кое нема автомобил и троши најевтини средства за хигиена. По најновите пресметки за август, за храна и пијалаци одат 14.633 денари, за домување 10.818 денари, за лична хигиена 2.382, а за превоз минимум треба да се плати 2.529 денари.

Овие анализи покажуваат дека трошоците за живот постојано се зголемуваат, а платите стагнираат, а од ССМ велат дека минималната плата треба да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата ниту, пак, две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошничка.

Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците за живот и на цените, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошничка. Поради сѐ поевидентното зголемување на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот без да се грижиме за нашата егзистенција, со која ќе можеме да ги овозможиме трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошничка.