Банкарска естрада

Халк Банка и изгубениот маж странец Билал Суџубаши во медиумските појавувања и најави

Можете ли да замислите, на пример, како нашиот највлијателен банкар Хари Костов (генералниот на Комерцијална Банка АД Скопје) лично прима награда наречена „Маж странец на годината“ на некоја локална албанска манифестација од ревијален карактер, во соседна Албанија, а при тоа манифестацијата нема долгогодишно искуство ниту традиција на реномираност ниту пак е случување од финансиско-банкарска категорија.

Извор: facebook

Можете ли да замислите, на пример, како нашиот највлијателен банкар Хари Костов (генералниот на Комерцијална Банка АД Скопје) лично прима награда наречена „Маж странец на годината“ на некоја локална албанска манифестација од ревијален карактер, во соседна Албанија, а при тоа манифестацијата нема долгогодишно искуство ниту традиција на реномираност ниту пак е случување од финансиско-банкарска категорија.  Ние не, а Вие?

Неодамна бевме сведоци каде генералниот директор на Халк Банка Г-динот Билал Суџубаши лично ја прими наградата за прв пат во оваа новосоздадена категорија (се надеваме дека не е наменски направена) наречена „Маж странец на годината“.
А најавата на прекрасната водителка Миа Костова звучеше вака:

„Оваа награда претставува признание на сите странски менаџери кои работат и творат во оваа земја. Предизвикот да се биде далеку од дома особено во оваа тешка година, а сепак да се инвестира во државата во која работите е за секоја почит. Да бидеме искрени и реални. Овој човек изминатата година остави белег во нашето општество. Преку неговата компанија се реализирааа, голем број на проекти, грижа за екологијата, за животната средина и грижа за луѓето.“
Извадок од најавaта

„…Работат и творат…“ што е предмет на неговото творештво?
„…далеку од дома…“ на час и 20 минути од Истанбул е баш далечна дестинација.
„…инвестира во државата…“ пласман на кредити не е инвестиција бидејќи истото е алоцирање на примените депозити од македонските граѓани и компании.
„…Искрени и реални…“ денес е тешко да најдеш искреност, вистина!
“…оставил белег во нашето општество…“ Интересно, али на каков белег поточно мислеле?
“Преку неговата компанија се реализираа…“  банката не е негова, туку работи за Халк групацијата што има голема разлика во презентирањето на работите.
“ …грижа за екологијата, животната средина и луѓето.“ Гледачите ќе помислат дека станува збор за невладина организација слична на Green Peace или WWF фондација за заштита на животинските видови пред истребување или евентуално борба против глобалното затоплување.
Заклучуваме:
Кога веќе г-динот Билал Суџибаши не може да увиди, да почувствува и одлучи за каков тип на награда и манифестација станува збор бидејќи е странец, нели?…природно се наметнуваат следните прашања:
Кој ја работи ПР активноста на Халк банка, која е улогата на маркетинг агенцијата која работи за нив?
Кои се условите и стандардите кои ја донесуваат одлуката за појавувања на генералниот директор  и на кој медиум или манифестација? Кој ги ревидира текстовите за комуникации со јавноста на првиот човек во банката? Кои се претходните искуства на нивните ПР кадри?
Се надеваме дека нивната девиза не е „more is better“ или дека и негативниот маркетинг е добар маркетинг, бидејќи во овој случај не станува збор за естрада туку за финансиска институција.
Исто така интересно е да дознаеме кој е ставот на надзорниот одбор на банката и централата на Халк во Истанбул по повод ова „признание”? Дали ова значи дека Г-динот Суџубаши е најголемиот маж во групацијата Халк?

Извор: google

Насловот на текстот е сензационален затоа што се случи сензација, а сензацијата се случи затоа што некој (Халк Банка) непромислено дозволи да се случи. Дали станува збор за пропуст од незнаење или желба за присутност во етерот по секоја цена, не знаеме, но веруваме дека квалитетната банкарска фела во државата, добро се забавувала.
Ние ги поддржуваме организаторите на ваквите нови манифестации, и веруваме во нивната искрена желба за успех со привлекување на луѓе кои се поставени на високи функции но, сепак некои работи бараат години искуство и сериозен пристап, евентуално од помош би било купување на некоја светска лиценца за слични номинации со светски стандарди.
Во иднина се надеваме дека организаторите повнимателно ќе ги именуваат категориите за нивните номинации, бидејќи традиционалните стандарди и вредностите доаѓаат со годините и искуството. Обезбедувањето на спонзорите сепак би требало да се прават на поквалитетен џентлменски начин, а не преку номинации.

Толку за наградите, јубилеите, стандардите, појавувањата, најавите и естрадните настапи во нашата Македонија. А во меѓувреме додека ги исчекуваме следните номинации опуштете се со нашиот спиритуален избор на музичко видео.