Earth care

Во Австралија, заштитните маски веќе се претвораат во патишта - кај нас се расфрлени по улиците

Научниците пронајдоа начин да го намалат влијанието на заштитните маски за еднократна употреба врз животната средина, претворајќи ги во „патишта“.

Извор: google

Научниците пронајдоа начин да го намалат влијанието на заштитните маски за еднократна употреба врз животната средина, претворајќи ги во „патишта“. Околу 6,8 милијарди заштитни маски за еднократна употреба се користат низ целиот свет секој ден за време на пандемијата, за на крај да завршат на депонија или да ги загадуваат езерата, морињата и океаните.

Но, новото истражување на Кралскиот институт за технологија во Мелбурн (RMIT), Австралија, најде начин да рециклира до 3 милиони маски во секој 1 километар произведен пат со две ленти. Ова може да заштеди до 93 тони отпад. Истражувањето е прво од ваков вид за да се испита потенцијалот за употреба на еднократни хируршки маски во градежништвото.

„Оваа првична студија ја разгледа можноста за рециклирање на маските за еднократна употреба во патишта и бевме воодушевени што сфативме дека не само што оваа идеја функционира, туку и дава вистински придобивки од инженерството“, вели авторот д-р Мохамед Саберијан.
Се покажа дека мешавина од 1 процент хируршки маски и 99 проценти асфалт бетон е оптимална смеса, обезбедувајќи супер издржлив основен материјал за патиштата, кој ги исполнува сите градежни инженерски барања во однос на цврстина, јакост, тампонираност и еластичност. И уште повеќе – оваа мешавина всушност обезбедува решение за заштита на животната средина. Користењето на маската како отпаден материјал за цели на градежништвото влијае и на намалување на отпадот кој се носи на депонија.

-Се надеваме дека ова ќе ги отвори хоризонтите за понатамошно истражување, воедно и да работиме на начини за управување со ризиците здравјето и безбедноста во обем и да испитаме дали другите видови на опрема за лична заштита исто така би биле соодветни за рециклирање – изјавија од Институтот во Австралија.
Хируршките маски најчесто се изработени од полипропилен, односно вид пластика на која ѝ треба долго време да се распадне и притоа ослободува многу токсични материи за време на процесот. Програмата за животна средина на Обединетите Нации алармираше дека ако не се управува соодветно со ваквиот отпад, може да резултира со ослободување на токсини во животната средина и до секундарно пренесување на болести кај луѓето.

И додека во светот се изнајдоа разни начини и се прават експерименти за справување со овој отпад, кај нас постои пропуст во делот за обезбедување на соодветна инфраструктура за одлагање на истиот. Десетици корпи од Центарот за еколошка демократија „Флорoзон“ се поставени во главно пред продавниците во моловите, пред маркетите и болниците, но што е со другите простори, јавните институции, банките и јавните површини каде фреквенцијата на движење е исто голема. Чија е овојпат одговорноста? На самата граѓанска свест или и на Министерството за животна средина и просторно планирање, кое само изготви препораки за управување со КОВИД отпадот.
Додека не се изнајде адекватен начин за решавање на овој проблем, хируршките маски, кои се најевтини и најкористени меѓу граѓаните, ќе останат најчесто ѓубре кое се забележува низ улиците, тревниците, покрај кантите, па дури и закачени на дрвјата како декорација.