Карантин

Србија меѓу врвот на вакцинираните држави во светот, но сепак пред нов карантин

„Aко нема карантин, ќе се распадне системот“ – новата изјава на српските епидемиолози ги разбуди Србите утрово. Вонредна состојба со затворање на сите бизниси освен аптеките, продавниците за храна и бензинските станици, предлага српскиот Кризен штаб

Извор: pexels

„Aко нема карантин, ќе се распадне системот“ – новата изјава на српските епидемиолози ги разбуди Србите утрово. Вонредна состојба со затворање на сите бизниси освен аптеките, продавниците за храна и бензинските станици, предлага српскиот Кризен штаб откако во земјата се зголеми драстично бројот на новозаболени од коронавирусот. Тоа е предлог на медицинскиот дел од Кризниот штаб за кој само со затворање може целосно да се спречат социјалните контакти.

„Мерките со ограничување на работното време на угостителските објекти какви што имавме за време на викендот не даваат резултат. Ние баравме многу поостро, сè да се затвори освен продавници за храна, аптеки и бензински пумпи, за да се разбере ситуацијата, но и да се прекине синџирот на пренос, рече Кон, најпознатиот српски епидемиолог.
И не само во Србија. Заострување на мерките веќе се забележува во сите европски земји, затоа што владите се свесни дека целата тежина на одговорноста мора да ја преземе целото општество. Да не заборавиме дека Србија е една од земјите не само во Европа, туку и во светот која спроведува најмасовна вакцинација на населението. А и покрај тоа, наголемо размислува за строги рестрикции во наредниот период.

За споредба, Македонија ниту спроведува некаква вакцинација, а ниту размислува за било какви следни ограничувања на движењето. Згора на тоа, граѓаните добија олеснителна мерка – јавниот превоз може да биде пооптоварен сега за 75%, наместо досегашните 50%. Повеќе гужвање, помалку корона?

Неколку месеци веќе слушаме и разно разни ветувања за пратки со вакцини од Фајзер и од кинеската Синофарм, за последните информации од власта да говорат дека требало да се допрецизира договорот со Фајзер или, пак, ни се испречила кинеската Нова година, па затоа доцнат кинеските вакцини, ама ај на крајот сепак да земеме и од руските, и од кинеските. Целиот овој хаос на кој сведочи јавноста, а се однесва на директните преговори со фармацевтските гиганти е последица на стратегијата што ја одбра власта во самиот старт – целосно да се потпре на на механизмите на Ковакс и на Европската Унија, од кои очекуваше околу 1,6 милиони вакцини, а кои сега сега засега потфрлија.

Бонус видео…