Вакцина или дезинфициенс

Дали антибактериските средства за раце се максимумот на нашите фармацевтски гиганти во борбата против Covid-19?

Бизнисот со вакцини и серуми е еден од најпрофитабилните од сите сфери на фармацевтската индустрија….

daniel-schludi-ZeMRI9vO71o-unsplash

Извор: unsplash

Бизнисот со вакцини и серуми е еден од најпрофитабилните од сите сфери на фармацевтската индустрија. Дали моментот на задолжителната вакцинација или неопходноста од примањето серум, во определени случаи, ги прават овие категории на лекови од особен интерес? Не само за индустријата, туку и за науката, но и за државните политики.

Кога имаме реална ситуација на неспособни политичари да обезбедат вакцини за народот кој ги изгласал, непостоење на никакви најави за набавка (освен некои најави од Србија и Вучиќ) на нацијата и се наметнува прашањето – што прават успешните фармацевтски гиганти во државата?

После толку нарачани ПР фалби и снимени видео спотови за честитки на Нова Година, сите се прашуваме – имаат ли капацитети за лично производство или контакти за увоз? Размислуваат ли барем за можна размена со германски, руски, кубански, американски, кинески компании и најпосле да покажат сериозна општествена одговорност со свое производство или евентуално преку своите конекции од фармацевтската индустрија да издејствуваат количина за увоз?

Моментот што кај нас никогаш не се размислувало за производство на вакцини и серуми, ниту пак науката пројавила некаква иницијатива за истражувања (со исклучок на вакцината на Др. Докиќ од Клиника за Пулмологија), говори многу за владините политики, без оглед кој е на власт. Во целиот изминат период, како и денес, се увезуваат вакцини и серуми, понекогаш и од производители со сомнителни стандарди (читај – неисполнување на барања за квалитет во производството).

Често се случуваат и грешки кај локалните оператори, од банален карактер, како на пример лепење на несоодветни МК декларации на увезени вакцини.
Интересен е фактот што гигантите од типот на Алкалоид АД не пројавуваат иницијатива за увоз на актуелната вакцина за Covid-19. Но, Алкалоид АД беше прв за воведување на ХПВ вакцината во редовниот календар – најверојатно поттикнат од финансиски интерес, споредено со актуелната Covid-19 вакцина каде со исклучок на здравствен бенефит за сите, за него би останало многу малку.

Или пак, финансиски, цената на Covid-19 вакцините е неприфатлива за Алкалоид АД, бидејќи нема да има голем простор за сопствена заработка. Убаво е да се подели и годишен бонус од 24.000 денари на вработените, на крајот на годината, убаво е и да си општествено одговорна компанија, но никогаш не се објавуваат бонусите на менаџерите во Алкалоид АД, особено за генералниот менаџер. Овие информации (месечна плата) се строго чувана тајна и никогаш комуницирани во јавноста, за разлика од бонусот за вработените, кој јавно беше искористуван и публикуван во сите медиуми, и телевизиски и печатени и дигитални.
Можеби на Алкалоид АД сепак, здравјето не му е пред се’?

Дали сметате дека Алкалоид може да изработи вакцина под лиценца на друга фирма?

Дали сметате дека Алкалоид може да увезе вакцини преку консигнација?

Дали сметате дека на Алкалоид здравјето му е пред сѐ?