Извор: google
МОСКВА – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска го нарече фантазија италијанскиот мировен план за Украина, кој минатата недела го претстави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.
„Не можете со едната рака да ја снабдувате Украина со оружје, а со другата да правите планови за мирно решение на ситуацијата“, рече Захарова на неделен брифинг, пренесува Ројтерс.
Минатата недела италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо претстави мировен план од четири точки за Украина, објави претходно La Repubblica, пренесува Танјуг.
Тие вклучуваат прекин на огнот, неутралност на Украина со меѓународните гаранции и процесот на пристапување во ЕУ, соработка за постигнување билатерален договор меѓу Киев и Москва за територијални прашања и потпишување на нов мултилатерален безбедносен договор во Европа.
Италијанскиот заменик-министер за надворешни работи Манлио ди Стефано подоцна го потврди постоењето на мировен план за Украина доставен до ОН и рече дека за тоа ќе биде потребно вклучување на различни земји и организации, вклучително и ЕУ и самите ОН.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков вчера изјави дека Кремљ се уште не го видел предлогот на Италија за решавање на конфликтот во Украина, но оти се надева дека планот ќе биде доставен до Москва преку дипломатски канали.