Извор: google
Загреб – Во Хрватска ниту едно лице кое е вакцинирано не починало од последиците од инфекцијата со корона вирусот, покажуваат податоците на хрватскиот институт за јавно здравје, пишува загрепскиот „Јутарњи лист“.
Анализата е направена врз основа на податоци за сите лица вакцинирани до 10 мај, вкупно 882.120, чиј статус е проверен три недели подоцна, односно на 1 јуни, објави агенцијата Хина.
Од сите вакцинирани лица, 8.423 се заразиле откако ја примиле првата доза, што е нешто помалку од еден процент од вкупно вакцинираните. По целосна вакцинација, односно примени се и двете дози, се разболе 1.146 лица.
Од луѓето кои примиле две дози вакцина, 149 или 13 проценти од оние кои се разболеле и покрај вакцинацијата биле хоспитализирани, а од оние кои примиле една доза и сепак се заразиле, околу девет проценти биле упатени на болничко лекување.
Никој не почина, што недвосмислено укажува на тоа дека вакцинацијата е најбезбедна заштита, пишува „Јутарњи лист“.
Мирослав Венус, претседател на Хрватското епидемиолошко друштво, рече дека се очекува мал дел од вакцинираните граѓани да се разболат, како што е случај со сите вакцини, но дека е клучно вакцината да заштити од смрт, тешки болести и интензивна нега.