Извор: pexels
Наскоро влегувањето во авион ќе биде можно само со пропусница. Првиот ковид-пасош се очекува најпрво да започнат да го користат големите авиокомпании. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) очекува нивниот дигитален пасош за патници (IATA Travel Pass) да биде готов за неколку недели. Тоа е апликација што потврдува дека патникот има направено тест за Ковид 19 или потврда за вакцинација, кои се потребни за влез во одредена земја. Овие документи ќе се издаваат од овластено тело.
Асоцијацијата за меѓународен транспорт смета дека пасошот е „клучен“ за нормализирање на патувањето со авион, имајќи предвид дека многу земји сè уште имаат строги ограничувања или карантин како мерки на сила. Станува збор за мобилна апликација која ќе содржи информации за патниците поврзани со направени тестови за Ковид-19 или пак за вакцинација. Се тврди дека апликацијата обезбедува поголема безбедност и ефикасност од печатените, т.е. хартиени документи. ИАТА посочува дека нивните тимови работат на проектот во 12- часовни смени со цел да се заврши што е можно побрзо.
Патниците мора да бидат сигурни дека тестовите што ги извршиле се точни и дека ќе им овозможи влез во одредена земја. Од друга страна, и владите мора да бидат сигурни дека тестовите што ги имаат патниците се навистина точни и дека ги исполнуваат поставените услови. Дигиталниот пасош ќе биде достапен на iOS и Android платформите, а се очекува да биде бесплатен за патниците (како апликација). Авиокомпанијата на Сингапур беше првата што започна со пробите на овој пасош во декември минатата година, а авиопревозниците на арапските земји и Нов Зеланд се во фаза на тестирање и спроведување на пробни верзии во моментов. Повеќето авиокомпании низ азиско-пацифичкиот регион размислуваат исто така за овој пасош. Планот е да се започне со Travel Pass во март, така што се очекува целосно функционален систем во следните неколку недели.
Извор: pexels
Најблискиот еквивалент на овој дигитален пасош е „Жолтиот картон“ (Меѓународен сертификат за вакцинација), документ на Светската здравствена организација (СЗО), кој потврдува дека патниците биле вакцинирани. Често се користи како доказ дека патниците биле вакцинирани против жолта треска и е неопходен за влез во одредени земји.
Она што ги загрижува светските агенции и компании е ризикот од измама со фалсификувани ковид пасоши. Европол неодамна откри синџир на фалсификатори во Франција кои продавале негативни резултати од тестовите на патниците на аеродромот во Париз, а измамници се уапсени и во Велика Британија и Малезија, па дури и на Балканот.
Сепак, инсистирањето на некои влади на печатен документ, а не дигитален, се покажа како пречка досега за воведување на оваа апликација (пример Кореја), па Меѓународната агенција за воздушен транспорт е во преговори и убедувања за прифаќање на нивната идеја.
Воздухопловната индустрија се надева дека патувањето ќе биде рестартирано оваа година и секако, конечно без карантин. Сепак, се очекува напредокот во оваа насока да биде многу бавен, дури и со апликацијата. Пандемијата има катастрофално влијание врз авионската индустрија, со пад од скоро 70% во текот на 2020 година, во споредба со 2019 година. Индустријата се надева на закрепнување оваа година, но тешко дека примената на вакцини ќе го реши проблемот веднаш. Токму тоа е една од причините зошто е потребен пасош за ковид. Од некаде мора да се почне. Долгорочно решение за повторно отворање на границите и нормализирање на патувањето би била комбинација на тестирање и вакцинација.