Извор: pexels
Бидејќи повеќето луѓе изминатава година се трудеа да ги сработат бараните работни задачи од далечина, некои веќе и те како желни да се вратат во канцеларија со стандардно работно време, додека пак други имаат големи надежи дека ќе можат да останат дома. Иако темпото на работа во идниот период ќе зависи првенствено од организациската политика, има едно прашање што нè копка сите нас: како всушност ќе изгледа работата по Ковид-19?
Дали нашите навики ќе се вратат на претпандемиските денови: работа од 8 до 16 часот (или од 9 до 17), пет дена во неделата? Веројатно да, но… можеби работите и ќе се променат. Зависи како компаниите ќе ги прифатат и ќе се прилагодат на новите можности.
Некои компании трпат големи загуби во сферата, како во светот, така и кај нас, па враќањето на работниците на работните места видно ги вознемирува. Во исто време, желбата на вработените стреми кон нов вид на „хибридна“ работа во иднина – мешавина од присуство во канцеларија и работа од далечина. Додека некои од овие предлози за раздвижување на структурата на работата едноставно се фокусираат на давање на вработените малку поголема флексибилност, некои други, особено во балканските земји, се подраматични и поконзервативни кон овие идеи. Некои експерти за поголема продуктивност и конкуренција предлагаат да се заборави стариот терк на работа од пет дена и да се надмине идејата за стандардно фиксно работно време.
Ако компаниите и работниците ги сублимираат, анализираат и се усогласат околу овие идеи, тие би создале работен свет што изгледа многу поразлично отколку од пред една година.
Работа „3-2-2“ е еден од концептите за кои многумина веќе и размислуваат
Три дена во канцеларија, два дена од дома и два дена слободни. Тоа е премисата зад „3-2-2“, нов предлог за структура на работа од европските HR аналитичари и нивните испитувања. Акцентот на флексибилноста е клучен тука, бидејќи кадарот и работниците ја избираат поставеноста што им одговара најдобро и ги обликуваат своите денови околу нивните лични распореди. (Тоа е неверојатен контраст со кинески слично наведениот 9-9-6, во кој вработените работат од 9 до 21 часот, шест дена во неделата, во целосно поинаква – ригидно поставена структура.)
Извор: pexels
„Вработените ја ценеа флексибилноста искусена за време на пандемијата и посакуваат повеќе од ваков начин на работа во иднина“, вели Виланс, доцент за преговарање, организации и претприемништво на Харвард Бизнис школата. Иако овој експерт очекува работодавците да посакуваат и бараат и понатака петдневно работно време, од понеделник до петок, клучот за моделот 3-2-2 е овозможување на вработените да изберат каде, како и кога ќе работат.
„Прецизното согледување на флексибилноста при работата ќе ги натера компаниите да ги проценат ризиците за безбедност од Ковид-19, преференциите на вработените и ќе може отворено да се дискутира за тоа кои видови активности би имале корист од некаква лична интеракција во канцеларија, а кои од дома“.
Македонските власти зависно од епидемиолошката состојба изминатава година изготвуваа водичи за работодавачите за управување на работното место и препораки при присуство на работа, но се чини дека желбата за профит и сузбивање на конкуренцијата во приватниот сектор е посилна од било какви препораки за компаниите (за државниот сектор во некоја друга прилика). Денес, многу сектори функционираат на веќе познатиот начин на работа (пет дена неделно) и е прашање дали во блиска иднина нашите работодавци може да размислуваат за било каква промена, каква што согледува и веќе практикува светот.