Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.
Депозитите од населението и од корпоративниот сектор се еден од главните извори на финансирање на банките. И покрај ниските каматни стапки на депозитите, штедењето во депозити бележи пораст во 2019 година споредбено со 2018 година. Согласно податоците на НБРСМ за 2019 година вкупните депозити во нашата земја изнесувале 6,68 милијарди евра од кои 4,43 милијарди евра на население и 1,82 милијарди евра на корпоративниот сектор.
Депозитите кои ги нудат банките се разликуваат по своите карактеристики и тоа: минимален износ за штедење, можност за дополнителни вложувања, начинот на исплата на каматата, месечно или на крај на периодот, постепено штедење, отворен депозит и др.
Каматната стапка на депозитите може да се разликува зависно од периодот на орочување, односно таа е повисока при орочување на депозитот на подолг период, како и кај депозитите кај кои исплатат на каматата е на крајот на периодот на орочување. Кај поголем број од банките каматната стапка на депозите е повисока за постоечки клиенти кои користат и други производи од банката, како на пример за приматели на плата.
Извор: архива
Важно е да се напомене дека каматните стапки на депозитите кај сите банки се повисоки за штедење во денари во споредба со странска валута, на пример депозити во евра или во долари. Ваквата деловна политика на банките е со цел заштита од валутен ризик, а со тоа и поттикнување на населението за штедење во локална валута. Приносот на депозитите во локална валута секогаш е повисок од приносот што може да се оствари на депозити во странска валута, бидејќи каматната стапка на депозитите во локална валута ја вклучува и премијата за ризик за домашната економија во однос на развиените економии со конвертибилни и широко употребувани валути, како што се еврото и доларот. Поради ова, во нашата анализа за приносот на депозит орочен на 12 месеци земен е пример за депозит во денари. Каматните стапки за овој депозит се движат од 0,3% до 2,1%.
Промена на каматните стапки во јуни во однос на мај за орочен депозит на 12 месеци:
- Капитал Банка АД Скопје – намалена каматна стапка од 2,1% на 1,6%;
- Еуростандард Банка АД Скопје – намалена каматна стапка од 1,3% на 1,1%;
- Централна Кооперативна Банка АД Скопје – намалена каматна стапка од 1,6% на 1,3%;
- Стопанска Банка АД Битола – намалена каматна стапка од 0.95% на 0.5%.