Депозит - февруари 2020

Која банка има најдобри услови за штедење?

Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.

Извор: архива

Депозитите од населението и од корпоративниот сектор се еден од главните извори на финансирање на банките. И покрај ниските каматни стапки на депозитите, штедењето во депозити бележи пораст од 9% во 2019 година споредбено со 2018 година. Согласно податоците на НБРСМ, депозитите на домаќинствата бележат раст од 7,9%, додека пак депозитите на корпоративниот сектор бележат раст од 14,6% во 2019 во однос на 2018 година.

Депозитите кои ги нудат банките се разликуваат по своите карактеристики и тоа: минимален износ за штедење, можност за дополнителни вложувања, начинот на исплата на каматата, месечно или на крај на периодот, постепено штедење, отворен депозит и др.

Каматната стапка на депозитите може да се разликува зависно од периодот на орочување, односно таа е повисока при орочување на депозитот на подолг период, како и кај депозитите кај кои исплатата на каматата е на крајот на периодот на орочување. Кај поголем број од банките каматната стапка на депозите е повисока за постоечки клиенти кои користат и други производи од банката, како на пример за приматели на плата.

Важно е да се напомене дека каматните стапки на депозитите кај сите банки се повисоки за штедење во денари во споредба со странска валута, на пример депозити во евра или во долари. Ваквата деловна политика на банките е со цел заштита од валутен ризик, а со тоа и поттикнување на населението за штедење во локална валута. Приносот на депозитите во локална валута секогаш е повисок од приносот што може да се оствари на депозити во странска валута, бидејќи каматната стапка на депозитите во локална валута ја вклучува и премијата за ризик за домашната економија во однос на развиените економии со конвертибилни и широко употребувани валути, како што се еврото и доларот.

Во нашата анализа земен е пример за депозит во денари, односно колку би бил приносот за депозит од 100.000 мкд орочен на 12 месеци. Каматните стапки за овој депозит се движат од 0,3% до 2,1%, зависно од банката.