Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.
Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години. Во рамки на проектот се нуди можност за избор на субвенционирање на ратата или за субвенционирање на учеството кои нудат различни поволности во зависност од тоа дали се аплицира за купување стан или куќа и во зависност од возраста.
Каматната стапка за станбениот кредит во моделите каде што се субвенционира ратата, за првите 3 години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петтата година 3,9 проценти, додека кај моделите каде што се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.
Дополнителна поволност што ја нуди проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.
Услови за аплицирање:
- може да аплицираат лица што се или не се во брак;
- не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар;
- месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак;
- продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен и станот или куќата што се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач;
- станбената површина не смее да надминува 150 м2
Банки кои што учествуваат во проектот:
- НЛБ Тутунска Банка
- Стопанска Банка Скопје
- Шпаркасе Банка
- Стопанска Банка Битола
- Силк Роуд Банка
- ТТК Банка
- Охридска Банка
- Прокредит Банка
Модел 1 – субвенција на ратата
Возраст до и со наполнети 35 години
- за купување нов стан – 70% од месечниот ануитет во првите 5 години од отплатата на кредитот;
- за изградба/купување на нова куќа – 60% од месечниот ануитет во првите три години, 50% од месечниот ануитет во следните пет години и 40% во следните три години од отплатата на кредитот;
- за изградба на надградба/доградба на посебна станбена единица во рамки на постоечка куќа – 50% од месечниот ануитет во првите три години, 40% од месечниот ануитет во следните пет години и 30% во следните три години од отлатата на кредитот
Возраст над 35 години
- за купување нов стан – 50% од месечниот ануитет во првите 5 години од отплатата на кредитот;
- за изградба/купување на нова куќа – 80% од месечниот ануитет во првите 5 години од отплатата на кредитот;
- за изградба на надградба/доградба на посебна станбена единица во рамки на постоечка куќа – 75% од месечниот ануитет во првите 5 години од отплатата на кредитот
Модел 2 – субвенција на учеството*
Возраст до и со наполнети 35 години
- за купување нов стан – 70% субвенција од износот на учеството;
- за изградба/купување на нова куќа – целосна субвенција на учеството;
- за изградба на надградба/доградба на посебна станбена единица во рамки на постоечка куќа – целосна субвенција на учеството.
Возраст над 35 години
- за купување нов стан – 50% субвенција од износот на учеството;
- за изградба/купување на нова куќа – 80% субвенција од износот на учеството;
- за изградба на надградба/доградба на посебна станбена единица во рамки на постоечка куќа – 75% субвенција од износот на учеството;
*каде учеството не смее да надмине 25% од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит кој изнесува 50.000 евра.