Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.
Во последниве години во нашата земја се поголема е побарувачката за брзи кредити кои се нудат од страна на небанкарските финансиски друштва. Така, неопходноста за обезбедување на финансиски средства од една страна, и поригорозните критериуми на банките за одобрување на кредити од друга страна, ги принудуваат граѓаните да посегнат по брзите кредити. За разлика од банките, карактеристика на небанкарските финансиски друштва е што тие одобруваат микро кредити брзо, најчесто без жиранти, без обезбедување и без нотарски договори.
Извор: архива
За брзите кредити небанкарските финсниски друштва наплаќаат месечна камата, трошоци за одобрување, трошоци за обработка, надоместок за предвремена отплата и други трошоци. Сите овие трошоци заедно ја формираат годишната стапка на вкупни трошоци која согласно законските прописи со кои се регулира работењето на овие друштва не би требало да е повисока од 55%.
И покрај тоа што побарувачката за брзи кредити расте, граѓаните треба да бидат да бидат особено внимателни при подигнување на брзи кредити бидејќи тие се карактеризираат со значително повисоки вкупни трошоци од оние кои ги нудат банките. Овие кредити имаат ниска каматна стапка, која кај некои небанкарски друштва може да биде и 0%, сепак овие кредити имаат високи трошоци за одобрување, за обработка, високи провизии, високи трошоци за предвремена отплата, и особено високи казни за доцнење и ненавремено подмирување на долгот, што ги прави поскапи во однос на кредитите на банките.
Друга карактеристика на брзите кредити е што тие се одобруваат без гарант. Сепак, некои нудат опција за обезбедување на гарант, а во спротивно доколку не се обезбеди наплаќаат парична казна или казнени пенали за неправилно извршување на договорот, што значително ја зголемува стапката на вкупни трошоци и до 150%.
Брзите кредити главно се наменети за покривање на непредвидени трошоци, тие се одобруваат брзо и најдобро е брзо да се вратат. Наш совет е доколку се одлучите за брз кредит, детално да се информирате за висината на сите трошоци за кредитот.
Во нашата анализа вклучени се 10 небанкарски финансиски друштва и се направени две пресметки за тоа колку би вратиле за брз кредит од 15.000 мкд со рок на отплата од 6 месеци без гарант и со гарант за оние друштва кои нудат таква опција.