СИРОМАВИОТ АКЦИОНЕР

Немилосрдното однесување на Стопанска Банка АД кон македонските акционери

Грчкиот газда на годишно ниво изнесува 50 милионски профит во евра кон својот матичен акционер во Грција, но не може да се помири со фактот на фер исплата кон македонските акционери.

Извор: архива

Грчкиот газда на годишно ниво изнесува 50 милионски профит во евра кон својот матичен акционер во Грција, но не може да се помири со фактот на фер исплата кон македонските акционери. Децениски ја играат играта помеѓу приоритетните и обичните акции, ангажираат адвокатска „армија“, се прават притисоци врз судиите и судовите како преку лични, така и преку институционалните контакти, притисоци врз Народна Банка, плаќаат реклами преку медиуми, нарачуваат ПР текстови и многу други циркуси на грчки начин. Се со цел само да не се остави дел од колачот во Македонија и на македонскиот акционер!
Објавата на оштетените македонски акционери преку Здружението на акционери на Стопанска Банка Скопје ја објавуваме во целост:

Институциите против народот

Случај Стопанска Банка АД Скопје

Јавноста е запозната дека веќе четврта година македонските акционери водат војна со Стопанска Банка АД Скопје. Во таа војна еден момент беше пресвртен: Основниот граѓански суд Скопје пресуди во корист на акционерите, а пресудата ја објави на 08.01.2021. За да го промени текот на војната, банката одлучи да и се закани на државата со Известување во кое стои:
Последиците од ваквата пресуда (која сеуште не е правосилна и ќе биде обжалена) ќе бидат сериозно негативни не само за Банката туку и за целата држава и деловното опкружување, а една од причините е:
Првостепениот суд неразумно ја изложува државата имајќи предвид дека истата таа има дадено цврсти гаранции на стратешкиот инвеститор-акционер дека целосно ќе ја надомести било која штета или загуба што ќе произлезе од настан или акт пред приватизацијата на Банката. Имено, погрешното толкување на содржината на одлуките за издавање на приоритетните акции и тоа после период од 30 години од страна на Основниот Граѓански Суд Скопје и доделувањето права на сопствениците на приоритетни акции кои не им припаѓаат, може да се смета за чин кој создава основ за истакнување на барање за надомест на штета.
Дописот-Известување, поточното Заканата е испратена на 22.01.2021, веднаш по добивањето на пресудата, до:
– ВРХОВНИОТ СУД НА РСМ, г-дин Фаик Арслани, ВД Претседател
– ВЛАДА НА РСМ, г-дин Зоран Заев, Претседател на Владата
– г-дин Фатмир Битиќи, Заменик на Претседателот на Владата
– г-дин Љупчо Николовски, Заменик на Претседателот на Владата
– МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ, г-дин Фатмир Бесими, Министер
– МИНИСТЕРСТВО ЗА ПРАВДА, г-дин Бојан Маричиќ, Министер
– НАРОДНА БАНКА НА РСМ, г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, Гувернер
– КОМИСИЈА ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ, г-ѓа Нора Алити, Претседател
Наводите во Известувањето се манипулации какви не може да испрати некој со високи морални и етички вредности. Тие наводи или поточно манипулации ги доведоа во заблуда погоре посочените високи претставници. За доведување во заблуда се одговара, и засекогаш се губи довербата. Заканата е испратена од Управниот одбор на банката во состав: Диомидис Николетопулос, Тони Стојановски, Милица Чапаровска-Јовановска, Бојан Стојаноски.

Извор: архива

Инаку да појасниме под “барање за надомест на штета” грците подразбираат да ја тужат државата во судот во Лондон, оти таа им ја продала банката како црна кутија, и од неа после 20 години како духови излегуваат нови права на акционерите. Пролетта 2021 акционерите побараа средби со сите од горенаведените лица, освен со Г-дин Фаик Арслани и г-дин Љупчо Николовски. Ниту еден од нив не прифати средба. Сега знаеме и зошто. За да останат насмевките на нивните лица од “не се секирајте, ќе средиме”.
Заканата господата ја сфатија многу сериозно, иако ниту еден од нив не ја знае суштината на проблемот, те. се аналфабети за правата од акции. Заради Заканата (и заради лични интереси) веднаш се направи притисок врз Апелациониот суд, кој експресно за помалку од два месеци одлучи да го врати предметот на повторно одлучување. Пазете, два месеци е рекорд за Апелациониот суд Скопје. За ниту еден друг случај така брзо нема одлучено.

Таа чест ја имаше судијата Фатмир Скендер, кој најверојатно заради оваа заслуга (но и други) сега е кандидат за Уставен судија. Судијата Мирјана Николовска Калчиноска од ОГС Скопје слепо го послуша повисокиот суд и ја промени својата одлука и досуди во корист на банката. (Тогаш, низ колоарите на судот таа се пожали дека е под страшен притисок, а ние акционерите сега се надеваме дека спокојно ужива во пензионерските денови.) Потврда на повторената првостепена пресуда судијата Фатмир Скендер ја донесе рутински, овој пат трпеливо чекаше да истече законскиот рок од 6 месеци. Грчката банка со Заканата до државниот врв и регулаторните тела на финансискиот систем направи обид за руинирање на правниот систем, и тој обид е успешен. Јавноста нека цени кој создава правна несигурност, а во Заканата до осумтемина горенаведени стои и следната причина:
“Првостепената пресуда покажува целосна неконзистентност во работењето на државните институции и создава правна несигурност за сите постоечки или потенцијални инвеститори во земјата.”

Колку се грците спремни и сестрани, просто е за неверување!? Скрининг направија врз работењето на државните институции додека трепнеш. И, онака волонтерски сакаат да и
помогнат на земјата, таа да ја зголеми правната сигурност. БРАВО!

На крајот од Заканата од банката порачаа:

“Со целосна почит кон судскиот систем во државата, СБ ќе продолжи да ги користи сите расположливи правни средства со цел да го заштити интересот на сите акционери, а со тоа и сопствената репутација, како и владеењето на правото во државата. Сепак, имајќи предвид дека по однос на предметното прашање, за жал, работите тргнаа во погрешен правец кој може да има пошироки негативни последици, сметаме дека треба да се стави на внимание на сите релевантни институции во земјата, надевајќи се дека на крајот ќе преовлада правната држава.”

Владеењето на правото за грчката банка во нашата држава е по мерка. Грците “ќе ни изградат” правна држава со европско знаменце со несебично залагање, затоа што нивното искуство ќе кажува дали правецот е погрешен или не. Освен што се бават со банкарски работи, подобро го познаваат правото од судовите, дури и на Врховниот суд му најавија “кога ќе ти дојдеме на гости, убаво да не пречекаш”. Тоа е тоа да се стави на внимание на сите релевантни институции. А, да, и НБРМ и КХВ, секако и ДКСК го имаат целиот случај на внимание и “постапуваат според законите”: гувернерката нема надлежност, претседателката на КХВ исто така, а ДКСК “немаат” доволно човечки реусрси.

Малку медиумски простор ни остави Стопанска Банка Скопје, секаде е клуч ставен за темава, а акционерите имаме многу што да кажеме за тоа што ги мотивира да трошат време на “средување” на правната држава. Но, ќе дојде и тој момент. Парите што сака Стопанска Банка Скопје да ги спаси се смешни, коментираат еминентни претставници од финансискиот систем на државата и од банкарскиот сектор со кои имаме разговарано. За санирање на руините во правниот систем на државата, што банката ќе ги остави позади себе, ќе бидат потребни многу повеќе пари.

Координативно тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје