Извор: google
Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на поранешниот директор на УБК и одлучи да го пушти од притвор од затворот во Шутка. Денес е донесена одлука за ослободување на Сашо Мијалков, овеј чин дополнително ја намалува веќе разнишаната доверба на граѓаните во судовите, соопшти на Фејсбук министерот за правда Бојан Маричиќ.
Маричиќ издвојува дека „Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност“ и апелира Судскиот совет да ја преиспита одлуката.
„Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука“, вели Маричиќ.
Инаку Сашо Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде беше првостепено осуден на затворска казна од 8 години. Покрај оваа пресуда против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а првостепено осуден е за незаконското масовно прислушување во „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.