Извор: unsplash
Прашуваме: Дали Пивара Скопје плаќа годишен надоместок на општините за поставените држачи за велосипеди кои повеќе личат на рекламен уличен билборд на булеварите, или најдоа решение како да глумат привидна општествена одговорност?
12-те шипки на многуте локации низ градот кои Пивара Скопје ги постави како држачи за велосипеди со огромна брендирана (шуплива) настрешница, заради нивната големина повеќе изгледаат како улична реклама отколку донација односно општествена одговорност со некаков бенефит за граѓаните.
Многу помали локални компании би донирале 12 метални шипки за да добијат таков вид на реклама во централно градски локации како што тоа им е дозволено на Пивара Скопје.
Воедно недопустливо е компанија зад која стојат еминентни брендови (Coca Cola, Heineken, Skopsko), од пивската и индустријата за безалкохолни пијалоци, да бидат таков пример за општествена одговорност.
Математиката е едноставна, кога граѓаните мораат да го полнат буџетот преку плаќање на паркинг за своите возила, тогаш и компаниите мораат да плаќаат за својата реклама која е три пати поскапа од вредноста на 12-те шипки. А бенефитот на присатноста на брендот е непроценлив.
Извор: kanal5
Узурпацијата на јавниот простор е наше секојдневие.
Погледнете што се случува околу нас – без проблем општинските татковци ги отстранија сите дрвја и дрвореди кои постоеа на улиците и тротоарите, се намалија сите градски паркчиња кои беа како ,,зелено интермецо” од асфалтот, при што го ускратија единствениот допир со природата за дечињата и жителите на нашиот град. Скопје е претворено во бетонска спална.
Ваквото користење на јавниот простор за личните интереси и профитот на големите корпорации и локални моќници се случува на дневна основа и треба да престане или да се наплати.
Многу дрвја и градски симболи се изрушија на одредени локации заради поставување на улична реклама. Празното и усилено рекламирање стана единствената „шуплива уметност“ која можеме да ја видиме како уличен „арт декор“, а за возврат никогаш немаме видено проект кој би бил воедно поддршка на локалните уметници со некоја убава арт порака. Добронамерна проект идеја за пиварците.
Вработените во Пивара Скопје треба да знаат, исто така и општинските работници кои се дел од потпишувањето на слични договори дека кога станува збор за донација вистинските филантропи најчесто не го истакнуваат своето име и фирма на 3 метарска конструкција каде се испишува нивниот бренд, туку нивното име е скромно и ненаметливо напишано во ќош кој најчесто не се ни гледа.
Затоа ние од konkurencija.mk го доставивме прашањето:
Дали Пивара Скопје плаќа годишен надоместок на општините за поставените реклами на булеварите кои ги нарекоа држачи за велосипеди или само глумат привидна општествена одговорност?