СУДСКА ОДЛУКА

Штедачите на Еуростандард задоволни - Уставен одлучи во нивна корист

Уставниот суд го укина делот од Законот за банките, кој предвидуваше дека приоритет за наплата на парите во стечајната постапка има Фондот за осигурување на депозити наспроти штедачите кои имаат повеќе од 30.000 евра депозити но и фирмите кои ги чувале парите во банките.

Извор: google

Уставниот суд го укина делот од Законот за банките, кој предвидуваше дека приоритет за наплата на парите во стечајната постапка има Фондот за осигурување на депозити наспроти штедачите кои имаат повеќе од 30.000 евра депозити но и фирмите кои ги чувале парите во банките.

Уставниот суд на Република Македонија, по одржаната деветнаесетта седница а расправајќи по точките од дневниот ред одлучи да го укине член 163 став 3 од Законот за банките.
За оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка, ова е позитивна мериторна одлука со што истите искажаа почит и благодарност на уставните судии што застанаа во одбрана на уставноста.

Одлуката на Уставниот суд доаѓа по иницијатива на оштетените штедачи од Еуростандард банка кои имаа влогови над 30.000 евра и за чие обшеттеување се чека стечајната постапка.

Сепак, ваквата одлука не значи дека оштетените штедачи кои имале повеќе од 30.000 евра штеден влог како и фирмите кои ги чувале парите во Еуростандард банка во стечајната постапка која е во тек ќе имаат предност при наплатата на парите пред Фондот за осигурување депозити.

Укинувањето на делот од Законот за банки значи дека ваквата одлука на Уставниот суд ќе важи во иднина но не и за досегашните случаи во кои пропаѓале банки или штедилници.

Во врска со укинувањето на спорниот член 163 од Законот за банки од страна на Уставниот суд, Народната банка побара оваа одлука да не се поврзува со стабилноста на банкарскиот сектор.