Акции

„Лотарија“ со најголем пораст на цена по акција, а банките повторно најмногу тргувале

Вкупниот промет, бројот на трансакции и пазарната капитализација се зголемени во однос на претходниот месец согласно билтенот на Македонска берза, па така за над 67% повеќе се тргувало, а е остварен промет за над 170 проценти повеќе.

Извор: google

Македонската берза го објави месечниот статистички билтен за февруари 2021 година. Вкупниот промет е зголемен во однос на претходниот месец за виски 170,48 проценти, па тоа придонесе дел од компаниите кои котираат на берзата да забележат висок пораст на вредноста на своите акции. Најтргувани се акциите на македонските банки и на „Алкалоид“, но каде е забележан пораст во цената на акциите, а каде пад – прочитајте во продолжение.

Највисок пораст на вредноста на своите акции има компанијата „Лотарија на Македонија АД Скопје“ со пораст за 48,15% во однос на минатиот месец (акциите рипнаа од 135 на 200 денари).
Веднаш зад „Лотарија“, се најдоа акциите на „ЗК Пелагонија АД Битола“ кои ја зголемија вредноста за 47,03 проценти, односно достигнаа просечна цена од 4.280,00 денари. На трето место по пораст на вредноста на акциите се „Хотели Метропол Охрид“ (25% раст), Охридска банка АД Скопје (20,54% раст) и „Фершпед АД Скопје“ (19,67% раст).

За разлика од овие компании, најголем пад на вредноста на акциите забележуваме кај акционерското друштво за трговија, финансиско посредување, изнајмување на имот и деловни активности – „РЖ Економика“ каде имаме пад на цена по акција од 70 на 50 денари.

Потоа следуваат „Тетекс Тетово“, каде акцијата од 1900 денари падна за 100 денари, па на трето место е фармацевтската компанија „Реплек Скопје“ со пад од 3,64% (од 110.000 денари на 106.000 денари по акција), па најголемата мрежа на бензиски „Макпетрол Скопје“ со пад од 3,40% (од 73.500 денари на 71.000 денари) и производителот на челик „Макстил Скопје“ со пад од 3,33% (од 60 на 58 денари).