Извор: google
На 1 јануари во сила стапува законот 2022 со кој недела ќе биде неработен ден. Но, министерот за економија Крешник Бектеши ги прифати барањата на бизнисмените одредени сектори да останат отворени во недела. Преку подзаконски акти ќе се договараат деталите.
Се работи за трговските центри со сите дуќани, угостителските објекти и туристичките локалитети на кои ќе им биде дозволена работа во недела.
Првичните најави од функционерите на СДСМ беа дека од работа во недела ќе бидат ослободени околу 450 илјади работници, а околу 180 илјади ќе продолжат да работат во дејности во кои не може да биде исклучен производствениот процес.
„Недела да биде неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства“, изјави Заев минатата година, осврнувајќи се на трудовите политики на неговата влада за наредниот период.
Сега со најновите одлуки, бројот на вработени кои ќе добијат загарантиран слободен ден во недела ќе биде многу мал. Работодавачите претходно најавија дека ако недела биде неработен ден или ќе се намалат платите или ќе има отпуштања. Очигледно Владата ги послуша барањата и визијата на бизнис секторот, но зошто тогаш се ветуваше нешто сосема друго претходно?
Дали Владата падна под притисокот на бизнисмените и дали ова значи дека работникот е повторно тој што ќе мора да трпи?