НЕЗАБОРАВЕН ВКУС

Ве потсетуваме на вкусот на детството преку гумите за џвакање „Chunga lunga“

Се сеќавате ли на популарните мастики од вашето детство – „Chunga lunga“? Неодолив дел од секоја детска игра, а асоцијација на некогашните гуми за џвакање се натпреварувањата меѓу децата кој ќе направи поголем балон

Извор: reborn

Се сеќавате ли на популарните мастики од вашето детство – „Chunga lunga“? Неодолив дел од секоја детска игра, а асоцијација на некогашните гуми за џвакање се натпреварувањата меѓу децата кој ќе направи поголем балон, кој која сликичка од мастиките ќе ја добие во малата амбалажа, кој каде ќе ја тетовира сликичката… и особено интересно за потсетување е што во продавница доколку касиерката немаше доволно ситно да врати, враќаше мастики како кусур.

Брендот „Chunga Lunga” е дело на словенечниот уметник Мики Мустер, пионер во областа на стриповите и анимацијата на екс-југословенските простори. Освен што ја има дизајнирано првата амбалажа на Чунга Лунга, Мустер ја има креирано и првата анимација-реклама за мастиките. И потоа големите нешта започнаа самите да се случуваат на магичен начин низ цела тогашна земја Југославија.

Времето минуваше и брендот започна да расте, да се развива, да создава нови начини за комуникација со децата. Дизајнот се пресели во креативните раце на македонскиот илустратор Михајло Димитриевски кој ги редизајнираше карактерите на Чунга Лунга и ги создаде Чунга Лунга тетоважите.

Од почетокот на 90-те години, Чунга Лунга стануваат комплетно македонски производ. Од тогаш до денес се произведуваат во групацијата „Макпромет“ од Штип која постои од далечната 1957 година.

Брендот го промени дизајнот и го прошири асортиманот на производи кој денес освен мастики, вклучува и кроасани, карамели, лижавчиња, флипсови, желеа и бомбони.