Автомобилски кредит - јуни 2020

Каде да аплицирам за авто кредит и авто лизинг?

Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.

Автомобилските кредити спаѓаат во категоријата на наменски кредити кои се одобруваат од банките со намена за купување автомобили, мотори и други возила.

Главна карактеристика на автомобилските кредити е тоа што тие најчесто се одобруваат со залог на возилото кое се купува и најчесто се со валута клаузула. Ваквата деловна политика произлегува од потребата на банките да се заштитат од валутниот ризик, имајќи во предвид дека периодот на отплата за овие кредити е подолг и наменети се за купување на увозни возила. Согласно ова, некои банки нудат автомобилски кредити само со валутна клаузула, некои и во мкд и со валута клаузула, а мал дел само во мкд.

Друга карактеристика на автомобилските кредити е тоа што задолжително е потребно одредено минимум учество. Минималното учество варира од 15% до 35% од вредноста на возилото, но најчесто е минимум 20%.

Што се однесува до каматната стапка, банките имаат различни критериуми за одредување на истата: дали клиентот е со плата или без плата во конкретната банка, колкаво е учеството, дали кредитот е во мкд или е со валута клаузула. Она што е важно да се напомене е дека каматната стапка секогаш е пониска за кредити со валутна клаузула што е разбирливо ако се има во предвид претходно наведеното за заштита на банките од валутен ризик, како и за приматели на плата.

Покрај овие главни трошоци, други трошоци поврзани со автомобилските кредити, а кои треба да се земат во предвид при избор на кредит со најповолни услови се: трошок за апликација, провизија при исплата (се движи од 1% до 2%), трошок за осигурување, трошоци за упис на залогот, нотарски трошоци, трошок за меница и други.

За автомобилските кредити направени се две анализи:

– колку би била месечна рата и колку вкупно би вратиле за кредит од 15.000 еур со период на отплата од 84 месеци (за банки кои нудат кредити со валутна клаузула) и,
– колку би била месечна рата и колку вкупно би вратиле за кредит од 900.000 мкд со период на отплата од 84 месеци (за банки кои нудат кредити во мкд).

Од пресметката се исклучени ПроКредит Банка и Стопанска Банка АД Битола бидејќи имаат пократок период на отплата, до 60 месеци, односно до 72 месеци, соодветно.

Во делот на автомобилските кредити треба да се споменат и лизинг компаниите. Тие нудат финансиски и оперативен лизинг. Разликата е што кај финансискиот лизинг по истекот на договорот  корисникот може да стане сопственик на предметот на лизинг, додека под оперативниот лизинг се подразбира користење на предметот на лизинг за договорена месечна закупнина, со можност за негова замена за нов по истек на договорот.

Што се однесува пак до каматните стапки, кај лизигот истите се пониски одколку кај класичните автомобилски кредити. Понатаму, разлика е тоа што кај лизингот сопственик на возилото е лизинг компанијата и истото се префрла на корисникот на лизинг кога ќе се отплати и последната рата. Во анализата се вклучени две лизинг компании: Шпаркасе и Порше лизинг. Евролиз ауто не е вклучена бидејќи на нивната веб страна не е јавно објавена висината на каматната стапка, како и другите трошоци.

Кај Шпаркасе и Порше лизинг може да се забележи различен пристап во пресметка на ратата. Имено, кај Шпаркасе лизинг каматната стапка е фиксна за цел период, и постојат две опции: да се финансира само вредноста на возилото без ДДВ, односно износот на ДДВ во овој случај се уплаќа на почеток заедно со првата рата и учеството или пак да се финансира целиот износ со ДДВ намален за учеството. Кај Порше лизинг каматната стапка е променлива и се финансира целиот износ на возилото (заедно со ДДВ) намален за учеството.

Со оглед дека максималниот период кај Порше лизинг е до 72 месеци, во анализата за двете компании е земен период од 60 месеци. Останати трошоци поврзани со лизингот се трошоци за обработка, трошок за регистрација, трошоци за Централен регистар, трошоци за технички преглед, задолжително Каско осигурување за времетраење на целиот период на отплата и други. 

Промени во јуни во споредба со мај:

  • Халк Банка АД Скопје – во делот на кредити за физички лица повлечена е понудата за автомобилските кредити;
  • Шпаркасе лизинг – воведен нов автомобилски кредит за Opel возила со каматна стапка од 3.5% фиксна за цел период, со 33% учество и рок на отплата до 72 месеци;
  • Порше лизинг – воведен нов автомобилски кредит за Volkswagen возила со променлива каматна стапка од 4.75% , со 10% учество и рок на отплата до 72 месеци – понудата важи за комплетирани лизинг договори до 01.09.2020 година.