Извор: google
Tуризмот заживува во Турција благодарение на ефективните епидемиолошки мерки против коронавирусот, a живописниот регион Кападокија во оваа земја беше домаќин на околу 200.000 посетители во првиот квартал од 2021 година, покажуваат најновите податоци на Министерството за култура и туризам на Турција.
Шармантно туристичко место, препознатливо по „оџаците на самовилите“, подземните градови, пештерите, хотелите и возењата со балони, го посетија 197.541 домашни и странски туристи.
Според турското Министерство за култура и туризам, бројот на посетители се зголемил во секој од првите три месеци од оваа година, од 42.560 во јануари на 50.668 во февруари па сè до 104.313 во март. Властите спроведоа строги мерки како дел од Програмата за сертифицирање на безбеден туризам, дозволувајќи им на посетителите да го видат местото кое важи за светско наследство на УНЕСКО.
Туристичките работници се надеваат дека бројот на посетители кои доаѓаат во Кападокија ќе продолжи да расте во текот на целата година. Овој регион беше домаќин на околу 992.620 туристи во текот на 2020 година, а Кападокија е веќе најобожувана дестинација за посетителите од Украина и Русија. Властите очекуваат во следните години да бидат домаќини на четири до пет милиони туристи во Кападокија.
Бонус видео…