Извор: google
Обични луѓе, гејмери, активисти, иноватори, инвеститори и бизнисмени – нова апликација која ги поврзува сите општествени фактори кон само една цел. “Wildchain” им овозможува на корисниците на смарт телефони да поддржуваат реални проекти за зачувување на живиот свет со дигитално посвојување ретки животни. Играчите посвојуваат дигитално загрозено животно што одговара на тоа во реалниот живот. Ако играчот засади дрво во играта, непрофитната организација која стои зад апликацијата, исто така сади едно во реалниот свет.
На повеќе од 35.500 видови им се заканува истребување, според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN). Сега новата игра на паметните телефони им овозможува на играчите да ги поддржат напорите за зачувување на овие ретки видови и околината во целина. Играчите на почетокот на играта добиваат едно волшебно јајце што се изведува од едно од најзагрозените животни во светот, како гепард или слон. Овие дигитални животинки се совпаѓаат со реалниот живот врз основа на бројот на популацијата на животните.
На пример, IUCN проценува дека во светот остануваат 6.674 гепарди – така што има ист број и во играта. Откако ќе се изведе нивното дигитално животно, започнува авантурата, најпрвин во Африка каде се наоѓаат и најголем процент од животните во изумирање. Играчите треба да го создадат идеалното живеалиште за своето жиотинче што вклучува повеќе активности, од засадување дрвја до чување на безбедно место од ловокрадци и природни катастрофи, до хранење со соодветна храна и сл.
Извор: google
Играчите симболично во текот на играта се наградуваат за својата хуманитарна работа со „Семиња“. Тоа е валутата во играта што може да се искористи за купување предмети и подобрување на живеалиштето на животното.
Концептот на Wildchain, кој во моментов е во фаза на финансирање, ќе користи пари потрошени во играта (од продажба на јајца и реклами) за финансирање на проекти за заштита на дивиот свет. Токму така – играчите ќе треба некогаш и да платат за јајцата, но и за најзагрозените видови за кои се информираат преку алармантна порака. Играта е дел од целокупната цел на Wildchain да изгради глобално движење што ќе ги инспирира поединците и организациите да ги поддржат напорите за заштита на средината и секако, подигнување на свеста.
Податоците за дивиот свет што стојат зад играта се добиени од IUCN, додека информациите за животната средина доаѓаат од Организацијата за економска соработка и развој. Преку играње со илјадниците видови животински и растителни видови кои се пред истребување, Wildchain се надева дека самото дејство на играчот во играта може да предизвика реално влијание и да привлече реклами, донатори и активисти. Апликацијата е еден од многуте проекти за зачувување, кои се опфатени преку глобалната платформа UpLink на Светскиот економски форум. UpLink има за цел да ги поврзе иноваторите и носителите на одлуки со крајната цел за поттикнување на одржливиот развој.
Видео…