ХУМАНА УМЕТНОСТ

Најголемата слика на светот продадена преку аукција за 62 милиони долари

Најголемата слика во светот е продадена за 45 милиони фунти (62 милиони долари) на аукција во Дубаи.

Извор: google

Најголемата слика во светот е продадена за 45 милиони фунти (62 милиони долари) на аукција во Дубаи. Парите од продажбата ќе бидат наменети за финансирање хуманитарни организации како „Дубаи се грижи“ (Dubai Cares), УНИЦЕФ, УНЕСКО и Глобалната фондација за подароци. Средствата ќе одат за загрозени и сиромашни дечиња во земји како Бразил, Индија, Индонезија и Јужна Африка.

Се работи за оригинална слика на платно “The Journey of Humanity” („Патувањето на човештвото“) на британскиот уметник Сача Џафри што влезе во Гинисовата книга на рекорди за најголема слика на платно било кога направена во светот.

Уметникот го сликал ова уметничко дело од 1600 метри квадратни цели осум месеци и тоа во една напуштена сала за танцување во хотел во Дубаи. Тој планирал да ја продава во 70 делови, но целото дело го купил Андре Абдун, француски државјанин кој живее во Дубаи и се занимава со криптовалути.

Со така достигната продажна цена, ова дело е едно од најскапите, некогаш продадени на аукција. Инаку, Џафри го започнал својот проект откако на социјалните медиуми испратил покана до децата низ целиот свет да му испратат свои слики што одразуваат како тие се чувствуваат за време на пандемија.

Деца од 140 земји ширум светот се одзвале на поканата и му испратиле нивни цртежи, кои потоа тој ги користел како инспирација за ова уникатно дело.