Извор: unsplash
Начинот на кој пандемијата го преобликува работењето може да биде едно од највидливите наследства од здравствената криза. Kарантините преселија многу високообразован кадар од бучните градови и преградија во живописните предели на ски патеките или националните паркови. Иако сите се надеваат дека кога тогаш ќе се вратат во канцеларија, работите може да изгледаат поинаку од порано. И од било кога. Сето тоа има потенцијал длабоко да влијае врз културата на самите организации, пазарите на труд, берзите и воопшто на целосната корпоративна слика, генерално.
1. Кој каде се движи за да работи?
– Во Америка, на пример, техничкиот кадар го напушта заливот Сан Франциско за места како Денвер, Мајами и Остин, Тексас. Некои професионалци во областа на финансиите се привлечени од Јужна Флорида, исто така. Пазарите на недвижнини и во Сан Франциско и во Њујорк покажуваат намалување, при што закупнините опаѓаат за двоцифрен процент од една година порано. За разлика од големите метрополи, приградските места и оддалечените градови “тријат раце” во однос на раст на цени за станови и куќи.
2. Дали работодавците се согласуваат на ова?
– Некои да. Главниот извршен директор на Facebook Inc., Марк Цукерберг, на пример, изјави дека дури половина од персоналот на неговата компанија нема да работи од канцеларија во следната деценија. Други техничко технолошки фирми, како што се Microsoft Corp. и Twitter Inc., исто така прифатија пофлексибилни работни аранжмани. Некои работодавци, како Дојче Банк, предвидуваат „хибридни“ распореди каде што вработените поминуваат дел од својата работна недела дома, а дел во канцеларија. Компаниите сметаат дека работата од далечина може да им помогне да регрутираат и задржат поразновидна работна сила и со тоа, да ја зголемат продуктивноста. Во крајна линија, исто така, може да има корист ако компаниите ги намалат трошоците за закупнина на канцелариски простор или трошок за деловни патувања.
3. Дали работниците ќе се согласат на намалување на платата?
– Компаниите и големите организации, вклучувајќи ја и федералната влада на САД, долго време плаќале на луѓето врз основа на тоа каде работат, како одраз на широкиот опсег на трошоците за работна сила и стандарди во различни региони. Тоа значи дека некои луѓе кои ги напуштаат областите со високи трошоци за оние со пониски трошоци, можеби и ќе се согласат на помала плата. Во многу случаи, сепак, овие намалувања на надоместоците се компензираат со поевтини трошоци или пониски даноци, така што вработените можеби нема да забележат големо намалување на нивниот животен стандард.
Извор: pexels
4. Како се одредува данокот при промена на работно место, време, простор во САД?
– Не е јасно целосно. Додека многу компании ги замолија вработените да им кажат каде работеле за да се усогласат со даночните закони, далечинското работење создаде трнливи фискални и правни прашања до државните и локалните власти. Едно од најспорните прашања се врти околу државните закони кои бараат нерезиденти да плаќаат данок на доход таму каде што имаат канцеларија. Некои компании водат правна битка за да ги спречат соседните држави да ги оданочуваат жителите кои, заради пандемијата, работат далечински и престанаа да патуваат од една во друга држава. Подолгорочно, миграцијата може да ја уништи даночната основа на скапи градови и држави како Њујорк и Калифорнија.
5. Како може работните места да се променат, откако ќе се вратиме “на работа”?
– Многу анкети покажуваат дека канцелариските простории во иднина треба да бидат насочени кон одржување активности кои потешко се прават виртуелно. Некои компании зборуваа за отстранување на работните маси и проширување на салите за работилници и состанови. Генерално, побарувачката за деловен простор се очекува да се намали за околу 10% до 15% во САД, според фирмата за истражување на недвижнини „Грин стрит“. Факт е дека оваа криза донесе клуч на врата за многу мали бизниси не само кај нас, туку секаде во светот.
6. Каква е ситуацијата во светот, покрај САД?
– Во Австралија, многу вработени се иселија во рурални и полурурални локации, каде за разлика од САД, цените рипнаа до 6,9% во 2020 година, три пати повеќе отколку во големите градови на земјата. Во Европа, се промени курсот на миграциите исто така. Па така, многумина отселени беа приморани да се вратат дома во балканските земји и средноевропските земји.
Извор: pexels
7. Дали оваа пандемија значи крај на урбанизацијата?
– Сигурно не. Градовите се забавни и многу луѓе ќе изберат да живеат во нив откако ќе заврши пандемијата. Економските и кариерните придобивки на живот во фреквентни и динамични средини ќе овозможат повторна миграција во урбаните метрополи. Но, оправдувањето на скапите станови во големите градови ќе стане потешко бидејќи повеќе професионалци видоа дека имаат можности да живеат на друго место, така да конкурентноста ќе си го направи своето кога ќе дојде ввреме. Но, оваа ситуација би можела да обезбеди дополнителна шанса за помалку скапите и помали градови да привлечат брзорастечки компании и квалитетен кадар.