Извор: архива
Вакцинацијата ќе ги отвори вратите во Европската Унија. Земјите кои економски зависат од туризмот како Грција, Италија, Шпанија, Кипар, Малта и Естонија се најголемите поддржувачи за воведување на вакцинални пасоши. Каде се тука земјите кои не се членки на Унијата? Дали некој размислува за нив или дали тие самите имаат некаков план и стратегија?
Грција и Австрија ги повикуваат другите земји на ЕУ да ги усвојат таканаречените „вакцинални пасоши“, што е засега единствен начин да се помогне во заживување на погодената туристичка индустрија во Европа. Идејата за ваков документ / сертификат ќе треба да им овозможи на оние кои биле вакцинирани против Ковид 19 да патуваат слободно во земјите на ЕУ. Предлогот беше изнесен за време на виртуелниот самит меѓу лидерите на ЕУ. Но, оваа идеја наидува на отпор од некои од 27-те земји членки на сојзот. Франција и Германија велат дека ваквите документи би можеле да бидат избрзани бидејќи податоците за ефикасноста на вакцините во спречување пренос на вирусот се нецелосни. Исто така, постои загриженост дека на ваков начин се овозможува вакцинирано малцинство да ужива во патувањата, додека други, како што се млади луѓе кои не се сметаат за приоритет за вакцинација, ќе бидат дискриминирани. Понатамошна компликација е брзото ширење на позаразни варијанти на Ковид – британски, јужноафрикански и бразилски форми, како и можноста за идни мутации.
Грција – како и Израел – веќе имаат дигитални сертификати за вакцинација, а други земји како Данска и Шведска зборуват веќе за нивно развивање. Грчкиот вицепремиер изјави дека заедничкиот дигитален сертификат „воопшто не е дискриминирачки“. Тој тврди дека невакцинираните туристи исто така можат да ја посетат Грција ова лето, но постапката за нив ќе биде побавна – тие треба да бидат тестирани и можеби ќе треба да се самоизолираат при пристигнувањето. Грчкиот туризам падна катастрофално минатата година поради пандемијата. Приходите паднаа на 4 милијарди евра (3,5 милијарди фунти; 5 милијарди долари), од 18 милијарди евра во 2019 година, пренесува новинската агенција Ројтерс. Туризмот сочинува околу една петтина од грчката економија, вработувајќи го секој петти работник. Австрискиот канцелар Себастијан Курц, исто така објави на Твитер дека и тие размислуваат за дигитален зелен пасош, како тој на Израел каде преку мобилен телефон ќе може да се докаже дека некој е тестиран или опоравен од корона.
Комисијата на ЕУ се најде на удар поради стратегијата за набавка на вакцини. Особено жестока беше расправата за Астра Зенека бидејќи англо-шведската фирма за лекови не успеа во планираната испорака во првиот квартал. Некои земји-членки, исто така, имплицираа дека вакцината Астра Зенека е инфериорна во однос на другите или може да биде квази ефектна за лица постари од 65 години. Комисијата сè уште има за цел да постигне бројка од најмалку 70% од возрасните лица вакцинирани во Унијата до средината на септември. Но, досега, вкупната бројка е сепак под 10%.
Додека целта на ЕУ е да избегне понатамошна блокада и конечно да се овозможи слобода при патувањата, народот во нашата земја се чини дека нема ни претстава ни информација која е стратегијата на извршната власт во спроведување на вакцинацијата. Набавката на првата доза за здравствените работници предизвика непотребно голема медиумска фама, но старт на било какви било вакцинални или дигитални пасоши е очигледно рано. Европа наголемо расправа за начините да им се овозможи на луѓето безбедно да патуваат, но кај нас ни абер ни глас за тоа.