170.000 ПРОДАДЕНИ ЈАГНИЊА

Откупната цена на јагнињата доста помала од производствената

Повеќе од 170.000 јагниња се извезени досега во Италија и во Хрватска, а се очекува до крајот на годината да бидат извезени повеќе од 200.000 јагниња, информира Сојузот на одгледувачи на овци. Постигната е просечна откупна цена за јагнето од 140 денари, а највисоката достигната е 150 денари за килограм жива мера.

Извор: pexels

Оваа цена е повисока за 20 отсто од ланската, но е далеку под производствената цена, која годинава ќе надмине 180 денари за килограм жива мера поради зголемените трошоци за повисоките цени на храната. Ова покажува дека одгледувачите на овци сѐ уште не се во состојба да планираат заработка од производството.

За да ги подмират давачките за одгледување цената според сточарите треба да биде 180 денари а за да имаат и одредена добивка, таа треба да е најмалку 200 денари.

Одгледувачите на овци се надеваат и на пласман на јагнето и во периодот од април до мај, кога е православниот Велигден, и тоа на домашниот пазар и, евентуално, во Бугарија. Воедно, и за летото се надеваат на продажба во Грција, а 10.000 до 15.000 ќе ги пласираат во декември, пред божиќните празници. Тоа значи дека годинава ќе ја завршат со извоз на повеќе од 200.000 јагниња.