Станбен кредит - Мај 2020

Која банка има најлоши каматни стапки?

Проектот sporedi.me е проект на невладиното здружение Алтруист – Скопје. Полето на интерес е информирањето на потрошувачот под мотото: „Потрошувачот има право да знае”.

Во нашата земја последниве години може да се забележи се поголем интерес за станбени кредити како еден од најатрактивните производи на банките. Зголемената побарувачка ги мотивира банките да понудат поповолен производ, а во насока на придобивање на нови клиенти. Станбениот кредит на секоја банка се одликува со свои специфични карактеристики.

Извор: архива

При избор на најповолен кредит, клиентот треба најпрво да обрне внимание на висината на каматнaта стапка, како и на периодот за кој истата е фиксна. Она што е заедничко е што сите банки нудат поповолна каматна стапка за примателите на плата, во спротивно каматната стапка е за некој процент повисока. Покрај за приматели на плата, банката може да понуди повластени услови во случај на купување на стан од градежни компании со кои истата соработува, како на пример НЛБ Тутунска Банка во кој случај каматната стапка би изнесувала 3.3% фиксна за првите 10 години.

Покрај висината на каматната стапка, при избор на најповолен кредит, клиентот треба да ги земе во предвид и другите трошоци, како на пример: дали има административни трошоци и колку изнесуваат, трошоци за одобрување на кредитот, промотивен период за плаќање на нотарски трошоци од страна на банката, трошоци за процена, задолжителна полиса за осигурување итн. Сите овие трошоци може да ја променат крајната цена на станбениот кредит. Во продолжение Ви ги презентираме овие трошоци по банки.

Од особена важност е да се напомене дека, за разлика од пред неколку години, денес се воведени станбени производи преку кои се врши т.н. врзана продажба, односно со станбениот кредит се врши продажба и на полиса за животно осигурување, а во замена за пониска каматна стапка за 0.1 до 0.2% од онаа која важи за приматели на плата. Во овој случај и покрај пониската каматна стапка на прв поглед, клиентот ќе има дополнителен трошок кој секако треба да го земе во предвид при донесување на одлука за избор на најповолен станбен кредит. Трошокот за полисата за животно осигурување се определува при аплицирање, а се плаќа годишно, за периодот на отплата на кредитот.

Банки кои нудат ваков кредит се: Халк Банка со каматна стапка од 3.2% фиксна за 10 години, Уни Банка со каматна стапка од 3.15% фиксна за 7 години, ТТК Банка со каматна стапка од 3.45% фиксна за 10 години и Стопанска Банка со каматна стапка од 3.5% фиксна за 10 години.

Промена на каматните стапки во мај во однос на април:

  • Охридска Банка – промотивни каматни стапки до 30.09.2020 година: 3.4% фиксна за првите 10 години и 5.5% променлива по 10-тата година, намалени од 3.5%, односно 5.8% соодветно.
  • Еуростандард Банка – промотивни каматни стапки, не е наведено до кога важат: 2.9% фиксна за првите 3 години и 6.9% променлива по 3-тата година, намалени од 5.0% фиксна за првите 2 години, односно 7.4% променлива по 2-рата година.
  • Централна Кооперативна Банка – промотивни каматни стапки до 31.05.2020 година: 2.9% фиксна за првите 5 години и 5.4% променлива по 5-тата година, намалени од 3.25% фиксна за првите три години, 4.4% фиксна за 4-тата и 5-тата година и 5.9% променлива по 5-тата година.