КРЕДИТИ И ДЕПОЗИТИ

И во пандемија, македонските граѓани земаат потрошувачки и станбени кредити

Народната банка известува за раст на кредитите и депозитите кај македонските граѓани и компании. Во банкарската сфера, кредитите кои ги подигнуваат физичките лица во земјава изнесуваат најголем процент од издадените кредити.

Извор: google

Народната банка известува за раст на кредитите и депозитите кај македонските граѓани и компании. Во банкарската сфера, кредитите кои ги подигнуваат физичките лица во земјава изнесуваат најголем процент од издадените кредити.

Вкупните кредити бележат месечен раст од 0,4 проценти, додека на годишно ниво се повисоки за 4,4 отсто.
На месечно ниво, кредитите на домаќинствата бележат раст од 0,5%, од кои потрошувачките одобрени на физичките лица бележат пораст од 0,6%, а станбените раст од 1,2%. Кај автомобилските кредити, гледаме пад од 3,3% на месечно ниво.

На годишно ниво, кредитите на домаќинствата се со раст од 7,1%, каде потрошувачките одобрени на физичките лица имаат пораст од 6 %, а станбените од 12,1%. Кај автомобилските кредити – пад од 13% на годишно ниво.

Кредитите одобрени на кредитни картички, во февруари бележат месечен и годишен пад од 2,3 и 9,2 отсто, додека негативните салда на тековните сметки се намалени за 1,5 и 9,3 отсто на месечна и годишна основа. Кај кредитите одобрени врз други основи, овој месец е забележано месечно и годишно намалување од 1 и 6,7 проценти.

Кредитите на корпоративниот сектор бележат месечно зголемување од 0,3%, при речиси еднаков раст на кредитирањето во денари и странска валута. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,4 отсто, во целост како резултат на растот на кредитите во странска валута.

Вкупните депозити во февруари се повисоки за 0,9 отсто на месечна основа, во најголем дел како резултат на зголемувањето на депозитите на секторот „домаќинства” (од 1,3%), при умерен раст и на депозитите на корпоративниот сектор (раст од 0,5%). На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 7,1 отсто, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора. Тоа се должи на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти.