Ковид пасоши

Српскиот претседател против ковид пасошите, има ли став македонскиот врв?

Според претседателот на Србија, Александар Вучиќ, планираните ковид пасоши ги погазуваат највисоките европски вредности, а тоа се слободата на движење и изборот.

Извор: pexels

Според претседателот на Србија, Александар Вучиќ, планираните ковид пасоши ги погазуваат највисоките европски вредности, а тоа се слободата на движење и изборот. Претседателот на Србија е шокиран од идејата на европските лидери за воведување ковид пасоши во Европа и го смета тоа за срамна и антиевропска одлука.

„Кои сте вие некому да го ограничите движењето ако не сака или не може да прими вакцина? Ние сме на европскиот пат, а вие воведувате ковид пасоши за Западен Балкан. Колку вакцини ни додовте – нула од Коваксот” – со нов, директен и јасен говор се обрати Вучиќ, ставајќи јасно на знаење дека е против една таква бесмислена одлука на европските водачи.

Тој смета дека ковид пасошите ќе ги натераат младите кои сакаат да патуваат да бидат побрзо вакцинирани за сметка на тоа дека стратегијата на сите земји е прво да се заштитат повозрасните граѓани.

Според Вучиќ, доколку стриктно се држеле до Ковакс и ЕУ, не би имале ниеден вакциниран досега, а фактите говорат дека Србија е на врвот во топ земјите по бројот на вакцинирани лица. И додека српското високо раководство се спротистави на оваа европска идеја за воведување на т.н. ковид сертификати и пасоши, молк од македонска страна за ова прашање. Дали и овојпат мирно ќе прифатиме секаква одлука на европските лидери и строго ќе се придржуваме до неа? Дали и овојпат македонските граѓани ќе почекаат не само за вакцини, туку и за било какво патување надвор од границите?

Или можеби здравствените и извршни власти се свесни дека вакцини сè уште нема, па нема потреба и било какво размислување околу некакви си ковид пасоши и сертификати? Кинеска нова година помина, а за кинеските вакцини нема никаков глас, додека пак за руската „Спутник V“ само најава, но не и прецизен датум.