Блиска иднина

Зголеменото производството на електричните автомобили во светот ќе резултира со падот кај нафтената индустрија

Додека индустријата на електрични возила брзо се развива, нафтената индустрија, пак, брзо зрее и се опоравува од ефектите на пандемијата.

Извор: pexels

Пазарите на електрични возила и нафта растат вртоглаво од ден за ден. Додека индустријата на електрични возила брзо се развива, нафтената индустрија, пак, брзо зрее и се опоравува од ефектите на пандемијата. Пандемијата со коронавирус предизвика хаос во многу сектори на глобалната економија, оставајќи двојно повеќе луѓе невработени во светот во споредба со февруари минатата година.

И покрај тоа, одредени сектори бележат невиден развој и раст. Во ниеден сектор не е толку воочливо колку во доменот на електрични возила. Побарувачката за електрични автомобили е сѐ поголема, а најголемите светски економии сметаат дека токму овие автомобили ја претставуваат иднината на превозните средства.
Кина, САД и Европа се одговорни за повеќе од 90% од продажбата на електрични возила минатата година, од кои Кина е најголемиот пазар на електрични автомобили, втор најголем пазар е Европа, додека на трето место е Северна Америка, според истражувањето на Меѓународната агенција за енергија.
Во последниот период, многу градови и земји, најавија построги критериуми во врска со загадувањето на воздухот, па еден од можните потези во иднина е целосна забрана за продажба на автомобили на фосилни горива. Франција и Велика Британија планираат да ги забранат класичните автомобили до 2040 година, додека Холандија планира тоа да го стори најдоцна во 2030 година.

Само компанијата Тесла доби над 700 проценти раст во 2020 година и дополнителен поттик со приемот во S&P500, со што Илон Маск стана мултиилијардер, засенувајќи го за кратко време Џеф Бејзос (Амазон) како најбогатиот човек на Земјата. Навистина, акциите на зелената енергија и електричните возила бележат рекордни инвестиции бидејќи инвестициите во животната средина, одржливост и управување одат во нагорна линија и поради тоа, и оваа 2021 година ќе биде уште една одлична година за обновливи извори на пазарот.

Извор: pexels

„Реалноста дава вистинита, но и е неочекувана слика, како што може да ви кажат и инвеститорите на електрични возила и на фосилни горива“, објави неделава водечкиот финансиски и инвестициски весник „Барон“. „Првиот се обидува да го измести вториот, но засега, и двата сектори среќно коегзистираат на пазарот“.
„Повеќе електрични возила на крајот ќе значат помала побарувачка за нафта“, признаваат истражувачките новинари, но таа транзиција нема да се случи преку ноќ. Низ целиот свет, кампањите за замена на автомобилите што се напојуваат со бензин со електрични автомобили се зголемуваат, но за забележлива промена ќе бидат потребни многу технолошки и инфраструктурни достигнувања, а за овие работи е потребно време. Она што е исто запрепастувачки, а што се случува во светски рамки е што и пазарот и на нафта бележи раст од периодот кога започна КОВИД пандемијата. Многу експерти тврдат дека пикот на нафтениот бизнис веќе се случува додека зборуваме и го читаме ова, но и покрај импресивноста што нафтата успеа да се врати на прифатливите нивоа, експертите сепак не гледаат така голем раст како што е во енергетскиот сектор. Без разлика дали станува збор за еколошки или економски причини, инвеститорите и пазарите јасно кажуваат едно: фосилните горива сѐ уште се релевантни засега, но електроавтомобилите и обновливите извори се патот кон иднината.

Но, што со нашата земја? Пазарот на електрични возила во Македонија речиси и да не постои. И покрај многутте ослободувања за увоз и субвенции што ги дава Владата, на македонските улици ретко се гледа ваков автомобил. Очигледно е дека се работи за слаба промотивна кампања која треба да пренесе вистинска информација до потенцијалните купувачи, запознавајќи ги со предностите на овие возила и секако, поволностите истите да се набават. А тие информации не треба да ги понуди само Владата како субвенционер, туку и автомобилските компании. Зелениот аларм е вклучен – дејствувајте побрзо и подобро!