Ќе се согласите?

WhatsApp нема да им дозволи на корисниците да ЧИТААТ или ИСПРАЌААТ пораки ако ги одбијат новите правила за приватност

WhatsApp потврди дека корисниците нема да можат да читаат или испраќаат пораки доколку не се согласат со новите правила за споделување лични податоци со Facebook.

Извор: pexels

WhatsApp потврди дека корисниците нема да можат да читаат или испраќаат пораки доколку не се согласат со новите правила за споделување лични податоци со Facebook. Новите услови, имплементирани на почетокот на 2021 година, предизвикаа негодувања кај експертите за технологија, поборниците за приватност, милијардери претприемачи и владини организации, но и лавина реакции кај корисниците. Од друга страна ја зголемија популарноста, пак, на ривалските апликации за допишување.

Минатиот месец, WhatsApp побара од корисниците да се согласат на ажурирање со што ќе се овозможи на апликацијата да споделува лични податоци, како телефонски броеви и локации, со Facebook Inc., кој е сопственик на апликацијата. WhatsApp ќе започне „полека да ги прашува“ корисниците да се согласуваат со новите услови со цел да имаат „целосна функционалност“ на мрежата, а сето тоа ќе треба да се направи до 15 мај. Ако корисниците не ги прифатат условите, следува период во кој тие ќе можат да добиваат повици и известувања, но нема да можат да читаат или испраќаат пораки. Планираното ажурирање веднаш предизвика загриженост кај корисниците во однос на приватноста. Реакциите ја поттикнаа компанијата да го одложи крајниот рок за промена од 8 февруари на 15 мај, но одлуката за прифаќање на новите правила и политика, сепак, останува иста.

Причината за ова споделување на податоци е обид да се подобри работата и уште повеќе да се персонализираат и поврзат сите апликации во компанијата „Facebook“. Во сите апликации постојат реклами, па така корисниците ќе добиваат подобри предлози и реклами според нивниот вкус, објаснуваат од компанијата.

Сите приходи кои Фејсбук ги оствари во третиот квартал од 2020 година беа од реклами, а ги нема на WhatsApp. Компанијата сака да може да ги насочи рекламите од Фејсбук и Инстаграм кон WhatsApp, исто така знаејќи ги навиките на луѓето за употреба на WhatsApp и воедно, да им дозволи на деловните субјекти да промовираат одредени продукти и преку WhatsApp, со претходно кликање oд корисниците на рекламите на Instagram и Facebook.

Извор: google

Поднесена е петиција пред судот во Делхи во Индија, најголемиот пазар на корисници на WhatsApp, во која се тврди дека новите услови за користење го прекршуваат правото на приватност и претставуваат закана за националната безбедност. На почетокот на овој месец, судот побара од компанијата да даде одговор на овие тврдења. Контроверзноста ги натера добар дел од луѓето да се префрлат на конкурентите на WhatsApp како Телеграм и Сигнал, кај кои се забележува зголемена употреба и пренос на информации и фајлови во последните неколку недели.
WhatsApp на својот корпоративен блог во четвртокот напиша дека приватните пораки на корисниците ќе продолжат да бидат безбедни.
-„Ние секогаш ќе ги штитиме вашите лични разговори со end-to-end encription, така што ниту WhatsApp ниту Facebook не можат да ги видат овие приватни пораки“, велат од компанијата, додавајќи дека ажурирањето ќе им овозможи на корисниците да разговараат со бизниси партнери или да купуваат преку Интернет и оваа функција ќе биде „целосно изборна, а не задолжителна“.

Освен предностите за бизнисите во однос на зголемени можности за рекламирање, сепак, и последиците од оваа корпоративна одлука на Фејсбук не се за занемарување. Па така, канцеларијата за медиуми на турскиот претседател Ердоган и Министерството за одбрана на неговата земја соопштија дека го исфрлаат WhatsApp. Деловниот магнат Илон Маск ја препорача ривалската апликација „Сигнал“ на неговите 42 милиони следбеници на Твитер.