ЗАГРОЗЕНА ИДНИНА

Глобалното затоплување ја загрозува улогата на океаните како регулатори на климата

Глобалното затоплување влијае на мешањето на океанските води и ја загрозува нивната „улога на термостат“ што ја регулира климата и морските екосистеми во светот, според студијата објавена во списанието „Nature“.

Извор: pexels

Глобалното затоплување влијае на мешањето на океанските води и ја загрозува нивната „улога на термостат“ што ја регулира климата и морските екосистеми во светот, според студијата објавена во списанието „Nature“.

Глобалното затоплување, топењето на глечерите и нарушувањето на интензитетот на врнежите формираат слој на помала соленост на површината на океанот, велат научниците од Францускиот национален центар за научни истражувања (CNRS).

Овој слој се одделува од длабочините на океанот како маслото од водата. Ова одвојување го ограничува мешањето на океанските води при што водата од морските длабочини каде што има кислород и хранливи материи се издига на површината и апсорбира СО2 пред да го повле кон длабочините.

Феноменот ја доведува во прашање „идната способност на океанот да ја игра својата улога на глобален климатски термостат“, предупредуваат научниците.

Извор: pexels

Покрај тоа, климатските промени предизвикуваат засилен ветер, што доведува до задебелување на површинскиот слој на морето и океанот, а последица на овој феномен е послаб продор на светлината во длабочините, што е полошо за морскиот биодиверзитет.

Експертите веќе долго време предупредуваат дека глобалното затоплување влијае на улогата на океанот како регулатор. Океаните, според климатолозите на ООН, апсорбираат околу една четвртина на јаглероден диоксид и повеќе од 90 проценти од глобалното затоплување. Зголемената температура на океаните, исто така, влијае на појава на екстремни метеоролошки појави со интензивирање на тропските циклони. Конечно, зголемувањето на температурата на морето влијае и на екосистемите.

Студија објавена во 2019 година од страна на Американската академија на науките предвидува дека 20 проценти од живиот свет може да исчезнат до крајот на векот како резултат на глобалното затоплување.